Со сослушување на сведоци законски застапници на оштетените денеска во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Прва сведочеше мајката на починатиот 24-годишен Андреј, Марија Петрушева, која низ солзи одговараше на прашања од Обвинителството. Пред таа кобна вечер, рече дека биле просечно нормално скромно семејство, а сега само преживуваат.
Нејзиниот син Андреј, како што објасни, работел како келнер во ресторан и на 16 март бил ангажиран на помош во дискотеката „Пулс”. Газдата Дејан Јованов, ноќта на несреќата во 1 часот, исто така, на испомош во „Пулс“, бидејќи имало многу гости, го повикал и помалиот син Кристијан. Во пожарот таа кобна вечер го загубила Андреј, а Кристијан, како што рече, се уште се обвинува што не успеал да го спаси брат му.
-Со Андреј последно се чув во 6 часот. Ми кажа дека после работа во ресторанот бил викнат на испомош во дискотеката „Пулс“, но дека е уморен и може нема да оди. Но, не се чув после – изјави мајката.
Вечерта кога слушнала сирени, околу 3 часот им ѕвонела на двајцата синови, но не ги добила, па со сопругот се упатиле кон дискотеката. По пат прашувале, дали ги виделе нивните синови, и еден од другарите им кажал дека Кристијан го виделе, но Андреј не.
Кога стигнале сопругот влегол внатре да ги бара, а таа останала надвор и викала по Андреј, по што и кажале дека Андреј и Кристијан со брза помош биле пренесени во болница, каде се упатиле и тие. Тогаш, како што рече мајката, тоа што се однесени во болница ми влеваше сигурност дека ќе им биде укажана помош и уште не ја разбирав сериозноста.
Кога стигнала пред болницата, таму ја дочекал уште поголем ужас со полни ходници повредени и растрчан медицински персонал.
Во болницата го нашла помалиот син Кристијан, кој и кажал дека не успеале да го спасат брат му Андреј, но таа не верувала и влегла во собата каде бил Андреј.
-Немаше изгореници. Андреј изгледаше толку живо што докторите не знаат што зборуваат. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Не можев да се помирам со тоа, умот не ми даваше дека е мртов. Му реков на сопругот оди барај други доктори, мора да ми го вратат. Го прегледа доктор и рече дека нема пулс, дека почнува да се лади – сведочеше низ солзи мајката.
Тогаш уште не ја разбирала сериозноста на состојбата и бројот на жртвите, иако во собата имало уште две деца кои биле починати. Од МВР им рекле дека треба да излезат и ако има нешто ќе ги известат. Потоа од болницата им кажале дека децата се однесени на обдукција во Скопје, што рече било преголем шок и првично протестирале, но потоа откако им објасниле се согласиле.
-Тие денови не знам како ги поминав. Цело време бев со инекции и лекарства – изјави мајката.
Помалиот син, Кристијан кога избувнал пожарот бил надвор на цигара и немал повреди, но како што рече мајката бил изреволтиран и лут и бидејќи влегувал во дискотеката да го бара брат му, морал да биде прегледан.
-Тој тие трауми што ги поминал во амбулантата кола. Психичката состојба му беше многу лоша и ден денеска е лоша, бидејќи се обвинуваше што не успеал да го спаси брат му. Кристијан до ден денеска има кошмари и ја преживува таа вечер – сведочеше низ солзи мајката.