Иако Италија можеби не е меѓу земјите што се загрозени од новите американски царини, премиерката Џорџија Мелони рече дека ја смета одлуката на Доналд Трамп за „грешка“. Зборувајќи со новинарите за време на посетата на Јужна Кореја, Мелони потврди дека неколку часа претходно му го пренела својот став на самиот Трамп.
„Разговарав со Трамп и му кажав што мислам. Зголемувањето на царините против земјите што одлучиле да придонесат за безбедноста на Гренланд е грешка и не се согласувам со тоа“, рече Мелони.
Италијанската премиерка откри дека директно разговарала со Трамп за царините. „Мислам дека беше заинтересиран да слуша, но ми се чини дека од американска гледна точка пораката што доаѓа од оваа страна на Атлантикот не беше јасна“, рече Мелони, без да прецизира како Трамп реагирал на нејзините зборови.
Мелони посочи дека веројатно има „проблеми со разбирањето и комуникацијата“ меѓу Европа и САД околу одлуката на неколку европски земји да распоредат ограничен број војници во Гренланд. Таа нагласи дека оваа одлука не треба да се толкува како „антиамериканска“ и дека затоа „дијалогот мора да продолжи и мора да се избегне ескалација“.