Америка останува клучна сила во светот, а за Европа и Балканот незаменлив безбедносен фактор. Можат да се менуваат администрации и стилови, но интересите (тука мислам на безбедност, стабилност, трговија, технологија, енергетика) остануваат. Нашата работа е да бидеме држава што знае што сака, држава на која може да ѝ се верува, и држава што е дел од решението, не дел од проблемот. Затоа мојата порака е: Македонија не се движи по инерција, ниту се фаќа за „модни“ геополитички трендови. Ние сме прогресивни во амбицијата. Сакаме да бидеме модерна европска држава, со силни институции и економија, вели во интервју за „Локално“ Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.
Во време кога многу лидери во Давос зборуваат за „рушење на стариот светски поредок“, за Македонија најважно е да остане внимателна и со јасен компас, вели министерот.
„Нашата надворешна политика не е ниту импровизација, ниту дневна емоција. Таа се темели на три постулати: целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, кредибилно и активно членство во НАТО, и стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави“, истакнува Муцунски.
На прашањето дали изборот на САД значи и откажување од ЕУ, според него тоа нема да биде случај „ако си сериозен партнер и ако знаеш што браниш“.
„Европа е нашата природна економска, политичка и институционална дестинација, а САД се клучен безбедносен и политички столб за стабилноста на континентот и за регионот“, порачува министерот во интервјуто.
ЕУ, САД или Исток – на каде треба да се насочи Македонија по рушењето на стариот светски поредок, реченица која ја чувме од устите на многу светски лидери во Давос?
-Во време кога многу лидери во Давос зборуваат за „рушење на стариот светски поредок“, за Македонија најважно е да остане внимателна и со јасен компас. Нашата надворешна политика не е ниту импровизација, ниту дневна емоција. Таа се темели на три постулати: целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, кредибилно и активно членство во НАТО, и стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави. Тоа не е „или–или“, туку „и–и“, под услов да имаш принципи, а не да трчаш по моментални ветрови. Затоа, кога прашуваат „ЕУ, САД или Исток“, мојот одговор е јасен: Македонија припаѓа на Западот: по вредности, по безбедносна архитектура и по стратешки интерес. Сѐ друго може да биде економска релација, во рамки на правилата и меѓународното право, но не и геополитичка ориентација.
Колку изборот на САД би значел и откажување од ЕУ?
-Дали изборот на САД значи откажување од ЕУ? Не, ако си сериозен партнер и ако знаеш што браниш. Европа е нашата природна економска, политичка и институционална дестинација, а САД се клучен безбедносен и политички столб за стабилноста на континентот и за регионот. И вистината е проста: без американско присуство и лидерство во НАТО, европската безбедност би била послаба; без европска интеграција, нашиот регион би бил поранлив. Ние не бираме меѓу нив. Ние работиме да бидеме најдобар сојузник во НАТО и најподготвена кандидатка за ЕУ, токму затоа што тие две работи се комплементарни, не спротивставени.
Може ли и Македонија да „седи на две столчиња“, нешто што го гледаме од српскиот претседател Вучиќ со години? Колку ние ја имаме таа можност?
-Искрено, не во тој формат, ниту треба. Тоа е тактика што можеби носи краткорочни бенефити за некого, но долгорочно создава недоверба, зависност и уцени. Македонија е премала за да си дозволи луксуз на стратегиска двосмисленост. Нашата сила е во кредибилитетот: кога ќе кажеме нешто, да стоиме зад тоа. Кога ќе се обврземе, да испорачаме. И кога имаме став, да е принципиелен, а не за дневна употреба.
„Да бидеш среќен вазал е едно. Да бидеш несреќен роб е нешто сосема друго“. Иако ова е реченица која белгискиот премиер ја искористи во контекст на односите ЕУ-САД, може ли ние да ја припишеме на наша сметка и дали може да извлечеме било какви поуки за во иднина, во однос на тоа какви односи треба да градиме со било која голема сила?
-Поуката за нас е да бидеме зрели: со големите сили не градиш однос на слепа послушност, туку на јасно дефинирани интереси, на меѓусебна почит и на договори што носат резултати. Стратешко партнерство со САД не значи да климаш со глава туку значи да придонесуваш, да кажеш кога си согласен и кога не, и да бараш фер третман затоа што си коректен и предвидлив сојузник. И токму на таков однос се базираат нашите односи со Администрацијата на Претседателот Трамп – односи во кои имаме конкретни и видливи резултати. Затоа јасно кажавме дека во следниот период очекуваме нови плодови од одличната соработка помеѓу двете држави.
Сето ова „менување на граници“, „правила на посилниот“, „газење на меѓународното право“, па и дебатите за крај на НАТО, нешто што може да се случи ако Трамп се предомисли и сепак испрати војска на Гренланд, покренува прашања за нашиот опстанок во форма во која сега постои земјата, најмногу поради искрите со Бугарија. Загрозена ли и безбедноста, па да отидеме подалеку и постоењето на земјава?
-Кога се отвораат дилеми за „менување граници“, „газење на меѓународното право“, па дури и теории за крај на НАТО – тука мора да бидеме најодговорни. Нашата безбедност денес е неспоредливо посилна затоа што сме членка на НАТО. Тоа е клучната разлика меѓу Македонија денес и Македонија пред 20 години. Ние сме дел од колективен безбедносен систем, имаме сојузници и имаме механизми на располагање. Во исто време, тоа не значи дека треба да бидеме наивни: затоа ја зајакнуваме одбраната, институциите, отпорноста на хибридни закани, како и енергетската и дигиталната безбедност. Искрите со Бугарија мора да се менаџираат политички и дипломатски, без паника и без комплекси, туку со цврст став за достоинството и идентитетските прашања, но и со јасен поглед кон европската иднина. Долгорочниот интерес на државата не се брани со драматизација, туку со сојузништва, економска сила и институционална стабилност.
Во Давос, премиерот на Канада, Карни отворено рече дека долгогодишниот поредок базиран на правила е „илузија“. Трамп ги уништи врските што САД ги градеа со Европа со децении. Дали следниот претседател, ќе може да ги поправи или ова ќе биде новото нормално кога се работи за САД?
-Реално е дека светот влегува во период на поголема конкуренција и помалку „романтика“. Но токму затоа нашата линија останува: усогласеност со ЕУ, силно НАТО и продлабочување на партнерството со САД. Америка останува клучна сила во светот, а за Европа и Балканот незаменлив безбедносен фактор. Можат да се менуваат администрации и стилови, но интересите (тука мислам на безбедност, стабилност, трговија, технологија, енергетика) остануваат. Нашата работа е да бидеме држава што знае што сака, држава на која може да ѝ се верува, и држава што е дел од решението, не дел од проблемот. Затоа мојата порака е: Македонија не се движи по инерција, ниту се фаќа за „модни“ геополитички трендови. Ние сме прогресивни во амбицијата. Сакаме да бидеме модерна европска држава, со силни институции и економија. И сме внимателни во методот со јасни постулати и трезвени проценки. Во време на турбуленции, најголема вредност е кредибилитетот. А ние ќе го градиме токму таму каде што припаѓаме: во европското семејство, во НАТО, и со силно, стабилно и принципиелно партнерство со САД.
В.З.