Зајкова за „Локално“: И Југославија седеше на две или повеќе столчиња, но за жал денес ја нема на картата на светот

Македонија треба да биде проевропска и проатлантска, но пред сè да остане про-македонска, со јасна визија во поглед на исполнување на сопствените цели, вели претседателката на ЛДП во интервјуто

од Nikola Popovski
87 прегледи Фото: Фејсбук профил на Моника Зајкова

„И Југославија седеше на две или повеќе столчиња, но за жал денес ја нема на картата на светот, постои само во сеќавањата на други генерации. Треба да престанеме да се воодушевуваме на сегашната српска политика на популизам и култ кон лидер без кој наводно “нема иднина”. Не постои светски пример за таков успешен систем на подолг рок. Затоа ваква Србија не може да ни биде идол“, вели во интервју за „Локално“, претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, говорејќи за надворешната политика на Македонија во времиња кога се погласно се говори за нов светски поредок и дали можеме да „седиме на две столчиња“, налик на тоа што го прави српскиот претседател Александар Вучиќ со неговата држава во последните години.

Зајкова потенцира дека партнерството со стратешките партнери не значи безусловна послушност и тоа е токму онаа „вазалност“ за која некои говореа на Светскиот форум во Давос.

-Поддршката на САД е важна, но таа не смее да нè доведе во позиција да гласаме спротивно на вредностите кои ги негуваме како држава или да се дистанцираме од европските партнери без за тоа да имаме аргументирано објаснување, наведува лидерката на ЛДП во својот одговор.

Околу пораките од САД кон регионот и особено Косово, со нивното членство во Одборот за мир и што тоа значи за нас, Зајкова истакнува дека официјална Приштина во изминатиот период вложи значителен дипломатски напор за видливост и јасна комуникација на своите позиции.

-Тоа е лекција и за нас – дека не е доволно да си „добар ученик“, ако не знаеш да ја презентираш сопствената визија и цел и да работиш на нејзино исполнување, објаснува пратеничката.

Претседателката на ЛДП е децидна дека Македонија треба да биде проевропска, проатлантска, но пред сè да остане, како што вели, про-македонска, со јасна визија во поглед на исполнување на сопствените цели и интереси во рамките на тие сојузи.

ЕУ, САД или Исток – каде треба да се насочи Македонија по „рушењето на стариот светски поредок“?

-Македонија низ децениите се гради како општество во кое слободата е неприкосновена – и за државата и за граѓаните. И тука ниту имало ниту ќе има колебања. Македонија припаѓа на заедницата на држави засновани на слободата на изразување, мислење и одлучување. Некои тоа го нарекуваат либерална демократија. И нека се нарекува како сака, но Македонија нема таков луксуз и конфор да избира помеѓу вредности и интереси но мора да дејствува усогласено. Нашата стратешка определба е и мора да остане заедницата на држави со кои споделуваме култура, желба за слобода и географски простор. Тоа место е Европската Унија. Зарем треба да потсетам кога Македонија беше најзаштитена во последните децении?

Ако ние не сме заштитени во сојуз со државите на ЕУ, тогаш сме лесен плен на големите сили. ЕУ не е само геополитички избор, туку неопходна за економскиот напредок на Македонија, одговорност и систем на казнивост. ЕУ значи неповратни средства за развој на инфраструктура, значи меѓународно обвинителство, а не Кривичен законик што декриминализира криминал извршен од страна на моќници. Затоа не е прашање позиционирање, туку на припадност кон вредности.

Да, САД се наш клучен стратешки и безбедносен партнер, особено преку НАТО, но тоа не е алтернатива на ЕУ или прашање за насока. Затоа и залогот за членството во НАТО беше толку голем, огромен, дури и болен. Додека пак, Истокот е сосема нешто друго и не нуди модел што е компатибилен со нашите демократски и уставни вредности.

Време е за јасна национална одлука која нема да отвара дилеми „или“ и нема да значи доведување на самите себе во опасност преку застранување од вредносниот систем и од она за што се гордееме од народно-ослободителните борби.

Длабочината на јазот меѓу претседателот Трамп и Европа беше целосно очигледна во средата, кога Трамп одржа говор во Давос. „Ја сакам Европа и сакам да ја видам како напредува, но не оди во вистинската насока“, изјави Трамп. За нас, колку изборот на САД би значел и откажување од ЕУ?

-Европа и Америка имаат разлики, но и длабока вредносна поврзаност. Проблемот настанува кога малите држави почнуваат слепо да се позиционираат, без сопствен став и аргументација.

Македонија треба да биде проевропска, проатлантска, но пред сè да остане– про-македонска, со јасна визија во поглед на исполнување на сопствените цели и интереси во рамките на тие сојузи.

ЛДП беше првата, ако не и единствената партија, која го потегна прашањето на инвестирање во нашите одбранбени капацитети, преку инвестирање во нашата воена индустрија која постоела. За да покажеме дека имаме што да понудиме, а не само да бараме во заедничкиот политичко-безбедносен ситем на ЕУ и НАТО.

Може ли Македонија да „седи на две столчиња“, како Србија?

-И Југославија седеше на две или повеќе столчиња, но за жал денес ја нема на картата на светот, постои само во сеќавањата на други генерации. Треба да престанеме да се воодушевуваме на сегашната српска политика на популизам и култ кон лидер без кој наводно “нема иднина”.

Не постои светски пример за таков успешен систем на подолг рок. Затоа ваква Србија не може да ни биде идол.

Македонија е засидрена во односите со ЕУ, НАТО и САД. Србија има друг историски развој. Обидот да се имитира тоа што прави нашиот сосед и да се продава како исправен модел би бил опасен и неискрен. Нема што Македонија да ги живее траумите на другите, како што другите не ги живеат нашите. Македонија мора да се движи преку јасна, предвидлива и принципиелна надворешна политика – не преку тактички балансирања на кои никој не им верува и ќе ја претворат во непосакуван партнер.

Фото: Фејсбук

Дали односот на македонските власти кон САД е исправен, особено во контекст на гласањата во ОН?

-Партнерство не значи безусловна послушност. Тоа е токму онаа „вазалност“ за која некои говореа во Давос. Поддршката на САД е важна, но таа не смее да нè доведе во позиција да гласаме спротивно на вредностите кои ги негуваме како држава или да се дистанцираме од европските партнери без за тоа да имаме аргументирано објаснување.

Дипломатијата не е „да“ или „не“, туку аргументирано „зошто“. Тоа, за жал, изостана во повеќе наврати од страна на македонската дипломатија и не чинеше разнишана доверба. А сите знаеме дека добербата тешко се гради, лесно се руши, а уште потешко се враќа.

„Да бидеш среќен вазал е едно. Да бидеш несреќен роб е нешто сосема друго“. Иако ова е реченица, која белгискиот премиер ја искористи во контекст на односите ЕУ-САД, може ли ние да ја припишеме на наша сметка и дали може да извлечеме било какви поуки за во иднина, во однос на тоа какви односи треба да градиме со било која голема сила?

-Поуката е дека државите кои немаат сопствен глас, кои немаат свој јасен став и позиции, но лутаат, со цел да се допаднат некому на крајот немаат ниту заштита ниту искрени сојузници.

Ние не смееме да си дозволиме да бидеме ничиј вазал. Средните и малите земји мора да се држат заедно на рамноправна основа, а не некој некому да му слугува. За нас почитувањето на меѓународното право било и ќе биде неприкосновена максима.

Партнерствата мора да се градат врз заемна почит и јасни позиции. Тоа е суштината на зрелата надворешна политика.

Македонија сè уште ја очекува поканата од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во т.н. Одбор за мир – меѓународна иницијатива првично осмислена за ставање крај на војната во Газа, а подоцна проширена и на други глобални конфликти. Од регионот Косово, Албанија, Бугарија добија и се дел од ова тело, при што официјална Приштина и официјална Софија станаа основачки членки. Какви се овие пораки што ни се испраќаат, од „стратешкиот партнер“ САД?

-Пораките се дека меѓународната политика станува сè повеќе базирана на јасна позиционираност. Косово во изминатиот период вложи значителен дипломатски напор за видливост и јасна комуникација на своите позиции. Тоа е лекција и за нас – дека не е доволно да си „добар ученик“, ако не знаеш да ја презентираш сопствената визија и цел и да работиш на нејзино исполнување.

Сето ова „менување на граници“, „правила на посилниот“, „газење на меѓународното право“, па и дебатите за крај на НАТО, нешто што може да се случи ако Трамп се предомисли и сепак испрати војска на Гренланд, покренува прашања за нашиот опстанок во форма во која сега постои земјата, најмногу поради искрите со Бугарија. Загрозена ли е и безбедноста, па да отидеме подалеку и постоењето на земјава, доколку продолжиме со оваа „политика на инает“ во меѓународните односи со дел од големите сили, која сега владее на „Илинденска бр.2“?

-Не би користела јазик кој би создал страв и несигурност кај граѓаните, но би била искрена: безбедноста не се губи преку ноќ, таа се доведува во прашање преку непромислени одлуки, конфликти, немање државна стратегија и со дипломатија водена од инает.

Односите со Бугарија, односите на масата во НАТО и со партнерите во ЕУ мора да се водат мудро, креативно, рационално и државнички, не емотивно, не со одбрана од измислени непријатели и никако не популистички за собирање на партиски поени.

Како би се позиционирала ЛДП во целата оваа ситуација, доколку е на власт? Како да ги задржиме добрите односи со сите, без да се наштети на државата?

-ЛДП уште во своето основање јасно во своите правци го има зацртано членството во ЕУ како неприкосновена стратешка цел. Како потреба да се биде дел од вредносен сојуз кој ќе значи можност за напредок економски, културен, образовен, но и ќе значи принципи на одговорност, ред , функционален систем и слободен пазар.

САД останува важен стратешки и безбедносен партнер на Македонија, но тоа не значи слепо следење на одлуките на одредена моментална администрација, ако тие се косат со нашите вредности и принципи.

Она што не смееме да заборавиме, а ЛДП го негува од своето постоење е и регионалната соработка во бројни области која гарантира напредок и мир за сите. Сметам дека дипломатијата треба да ја водиме на начин што ќе градиме дијалог и мостови со сите, но нема да се поклонуваме пред никого.

Во Давос, премиерот на Канада, Карни отворено рече дека долгогодишниот поредок базиран на правила е „илузија“. Трамп ги уништи врските што САД ги градеа со Европа со децении. Дали „илузијата“ на поредокот базиран на правила е завршена и дали ова ќе биде новото нормално кога се работи за Америка?

Не завршена и не можеме да прифатиме дека е завршена. Тоа исто како да кажеме дека заради корумпираните структури треба да се откажеме од правната држава и од еднаквоста на сите пред законите. Јас сум правник и верувам во меѓународен поредок базиран на правила.

Иако праксата покажува дека нема поредок базиран исклучиво на правила, сепак треба да се стремиме на почитување на меѓународното право.
Интересна е онаа реченица на канадскиот премиер: ,,Ако не сте на масата ќе бидете дел од менито.” За жал, кај нас како да не се сфаќа сериозно овој момент, па затоа и не сме обединети, не разговараме, не се сослушуваме и не носиме консензуално важни одлуки за државата. Одлуки кои ќе не донесат да седиме рамноправно на масата. Имам чувсто дека не се користи сиот потенцијал за да се извлече најдоброто за нашите граѓани и за напредокот на Македонија. Цело време говорам дека мораме за важни прашања да ги оставиме суетите настрана и да градиме дијалог, меѓусебна доверба и креативни решенија.

Светот веќе е влезен од фаза на гарантиран мир во фаза на несигурност. Токму затоа, Европа мора да стане пообединета, посилна, а Македонија – појасна, похрабра и помудра во надворешната политика.

Н.П.