Жерновски: Проблемот на Владата е што продава лојалност кон САД и нереална периметарска блискост меѓу Трамп и Мицкоски, што служи како алиби за судир со Европа

Пристапот на СДСМ во оваа ситуација би бил јасен и одговорен - недвосмислена посветеност на европската интеграција, без флертување со алтернативи што не нудат ни безбедност ни просперитет, вели членот на ИО на опозициската партија за „Локално“

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

По Светскиот форум во Давос, се смирија страстите со американското преземање на Гренланд. Шефот на Белата куќа, Доналд Трамп ги сумираше разговорите во рамките на НАТО и со првите луѓе на Кралството Данска. Сепак останувааат фактите дека се погласно се зборуваше за рушење на стариот и поставување на нов светски поредок кој целосно ќе го промени светот. Тука се поставува и дилемата накај треба да се насочи Македонија – ЕУ, САД или Истокот….

Според членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен амбасадор, Андреј Жерновски, Македонија не се соочува со избор на „страна“, туку со избор на начин на однесување во свет кој очигледно влегува во фаза на нестабилност и преслојување на моќта. Во анализа за „Локално“ објаснува дека нашата стратешка ориентација не е нова и не треба да се доведува под знак прашалник – и ЕУ и САД се наши стратешки партнери.

-Европската Унија е нашата политичка, економска и вредносна цел, а кај САД се додава и фактот дека се наш клучен безбедносен партнер. Прашањето е дали имаме доволно капацитет и мудрост да водиме суверена и паметна надворешна политика, наместо да реагираме импулсивно и дневнополитички, истакнува Жерновски.

Теоретски, соговорникот истакнува дека изборот на САД не мора да значи откажување од ЕУ. Практично, меѓутоа, додава Жерновски, тоа може многу лесно да се случи ако се води политика без стратегија и координација.

-Европската Унија не е само геополитичка рамка, туку систем на правила, вредности и заедничка надворешна политика. Ако Македонија континуирано испраќа пораки дека е подготвена да ги игнорира европските позиции – било преку гласања во ОН, било преку јавна реторика – тогаш таа сама се дистанцира од ЕУ, без формално некој да ја исклучи.

Проблемот на актуелната власт е што мaркетингшки продава лојалност кон САД, нереално прикажувајќи периметарска блискост меѓу Трамп и Мицкоски, што всушност служи како алиби за судир со Европа, што е лажна дилема и крајно опасна стратегија. Сериозните држави не бираат меѓу своите сојузници – тие ги усогласуваат позициите, истакнува членот на ИО на СДСМ.

Запрашан дали Македонија може да „седи на две столчиња“, нешто што го гледаме од соседна Србија во последните години, Жерновски смета дека нашата држава не само што не може, туку и не смее да се обидува да ја копира таа политика.

-Србија располага со економска, демографска и геополитичка тежина, како и со специфична историска позиција, што до некоја рамка ѝ овозможува простор за маневрирање. Дури и таму, таа политика е под притисок бидејќи носи сериозни ризици.

За Македонија, обидот да седи „на две столчиња“ би значел губење доверба кај сите. Малите (од географски аспект) држави не опстануваат толку поради извесните тактизирања, туку поради умешноста да проектираат јасност, кредибилитет и предвидливост. Нашиот интерес не е да бидеме „паметни“ во краток рок, туку стабилни во долг рок, анализира поранешниот амбасадор и додава дека партнерството со САД е од суштинско значење за нашата безбедност и позиција во НАТО, и тоа никој сериозен политичар не го доведува во прашање.

-Но проблемот е што актуелната власт го сфаќа тоа партнерство како еднонасочна улица, во која Македонија демонстрира само нема послушност.

Гласањата во ОН каде што Македонија одеше спротивно на ЕУ и нејзините анкерни земји-членки, без јасна стратегија и без дипломатска комуникација, се доказ за елементарно непознавање на надворешната политика и загрижувачко отсуство на соодветен капацитет. Државничкиот пристап значи да знаеш кога да се усогласиш, кога да се воздржиш и кога да објасниш зошто имаш поинаков став, потенцира соговорникот.

Околу тоа дали може да извлечеме било какви поуки за во иднина, во однос на тоа какви односи треба да градиме со било која голема сила, Жерновски е дециден дека поуката е како достоинството и автономијата во надворешната политика се клучни за малите држави.

-Македонија нема корист ниту од сервилност, ниту од конфронтација. Двете позиции се крајности што водат кон маргинализација. Нашата надворешна политика мора да се темели на институции, не само на лични релации; на долгорочни интереси, не на моментални симпатии. Само така можеме да бидеме адекватен и респектабилен партнер, а не објект на туѓи политики и интереси, објаснува членот на ИО на СДСМ.

За нашето невклучување во Одборот за мир на Трамп и какви пораки се испраќаат од САД со тоа, Жерновски оценува дека пораките се јасни и непријатни – меѓународниот кредибилитет не се гради со декларации и празни пи-ар фрази, туку со конзистентност.

-Фактот што Косово добива покани и политичка видливост, а Македонија останува надвор, иако е членка на НАТО и формално „стратешки партнер“, укажува на сериозен проблем во нашата дипломатија. Тоа не е прашање на неправда, туку на перцепција – дали некоја земја е активен субјект или пасивен и небитен следбеник. Во моментов, за жал, Македонија се перцепира како второто, укажува поранешниот амбасадор.

На прашањето дали е загрозенљ безбедноста, па да отидеме подалеку и постоењето наземјава, доколку продолжиме со оваа „политика на инает“ во меѓународните односи со дел од големите сили, соговорникот смета дека не треба да се шири паника, но не смее да се игнорираат ризиците.

-Свет во кој меѓународното право слабее е особено опасен за мали држави со нерешени историски и идентитетски прашања. Политиката на инает, конфронтација со соседите и испраќање спротивставени пораки до партнерите ја прави Македонија поранлива, не посилна. Безбедноста не се гарантира со пароли и тврд говор, туку со дипломатија, сојузништва и регионална стабилност, вели Жерновски, притоа додавајќи дека СДСМ во ваква ситуација, доколку е на власт, би имала јасен и одговорен пристап.

-Прво, недвосмислена посветеност на европската интеграција, без флертување со алтернативи што не нудат ни безбедност ни просперитет. Второ, стратешко партнерство со САД, но со јасно дефинирани национални интереси и отворена комуникација. Трето, активна и конструктивна регионална политика, особено кон соседите, затоа што стабилен Балкан и стабилни односи со соседите се предуслов за стабилна Македонија.

Да се биде државнички ориентиран не значи да се откажеш од себе, туку да знаеш што браниш, каде браниш и како браниш, ни рече Жерновски.

Дел од европските земји, но и подалеку, потсетуваат дека токму Трамп ги уништи врските што САД ги градеа со Европа со децении. На прашањето новиот претседател на САД во иднина ќе може да ги поправи или ова ќе биде новото нормално кога се работи за САД, членот на СДСМ опишува дека дури и ако дојде нова администрација во Вашингтон, јасно е дека светот нема целосно да се врати во претходната состојба.

-Односите се веќе нарушени, довербата е разнишана, а Европа ќе мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност. За Македонија, тоа значи едно: повеќе сериозност, помалку импровизација. Не смееме да чекаме што ќе одлучат големите, туку мораме да знаеме што сакаме ние и како тоа го остваруваме во новата реалност, заклучува Жерновски.

Н.П.