Јаневска: Не гледам индиции за заобиколување на процедурите при испраќањето мозочни ткива во САД

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека не верува оти биле прекршени или заобиколени процедурите при испраќањето мозочни ткива од македонски пациенти во САД за научни истражувања, реализирани во соработка со Универзитетот „Колумбија“ и институции од земјава.

од desk4
11 прегледи

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека не верува оти биле прекршени или заобиколени процедурите при испраќањето мозочни ткива од македонски пациенти во САД за научни истражувања, реализирани во соработка со Универзитетот „Колумбија“ и институции од земјава.

Јаневска посочи дека го дели ставот на министерот за здравство Азир Алиу, нагласувајќи дека во медицинската наука не е невообичаено биолошки материјал да се испраќа на анализа во странство, особено кога станува збор за базични истражувања или случаи кои не можат да се обработат со домашни капацитети.

Според неа, Универзитетот „Колумбија“ е меѓу водечките светски универзитети и соработките со такви институции се регулирани со строги правила и процедури. Таа додаде дека не гледа причина Министерството за образование и наука да се вклучи во прибирање документација, откако Министерството за здравство веќе побарало анализа на податоците поврзани со истражувачкиот проект кој започнал во 1996 година.

Осврнувајќи се на етичките аспекти и дозволите од семејствата на пациентите, Јаневска рече дека не може да шпекулира за можни промени на одлуки, освен во случаи кога документацијата била дополнувана со дополнителни факти. Таа истакна дека како поранешен член на Етичката комисија на Медицинскиот факултет при УКИМ, уверена е во сериозноста и ригорозноста на процедурите.

Министерката нагласи дека станува збор за истражувачки проекти од кои потенцијален бенефит може да има целото светско население, вклучително и истражувања за депресија, самоубиства, шизофренија и Алцхајмерова болест. Според неа, малите земји како Македонија можат да учествуваат во вакви крупни научни проекти токму преку соработка со големи универзитети со значителни истражувачки буџети.

Во меѓувреме, министерот Алиу информираше дека побарал од работна група да ги анализира достапните податоци за начинот на испраќање на биолошкиот материјал во САД, при што потсети дека согласно законските прописи, дел од документацијата можеби повеќе не е архивски достапна.