Вчера во 17:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода Љ.Г.(32) и Ф.С.(32), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека пред зградата на Територијалната противпожарна единица Куманово физички го нападнале С.С.(35) од Куманово, вработен во Територијалната противпожарна единица Куманово.
Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.
За разлика од МВР, од Општина Куманово велат дека станува збор за напад врз тројца пожарникари, барем така стои во соопштението од Општината.
„Градоначалникот Максим Димитриевски, најостро го осудува нападот што вчера се случи врз тројца пожарникари од Противпожарната единица Куманово.
Недозволиво е напад на службени лица при вршење на својата службена должност. Пожарникарите, како и сите лица кои се во служба на чување на безбедност на граѓаните заслужуваат почит, а не физички напади. Апелирам надлежните институции итно да реагираат и да постапат согласно законот. Секој сторител на вакво дело треба да сноси одговорност.
Посакувам побрзо опоравување и враќање на работните задачи на повредените лицa“, порачуваат од локалната власт.