Загадена водата за пиење во Струга, ОЈО отвори предмет

Првичните анализи на Центарот за јавно здравје покажале дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното, по што водата е прогласена за технички неисправна

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук/ЈП „Водовод и канализација“ - Струга

Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.

Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки.

Првичните анализи на Центарот за јавно здравје покажале дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното, по што водата е прогласена за технички неисправна.

Директорот на ЈП „Водовод“ – Струга поднесе морална оставка и побара од надлежните институции да се утврдат причините за загадувањето.

„Се работи за голема катастрофа, еколошка катастрофа по здравјето на граѓаните, сите школи, деца, градинки. Јас сум во фирмата 43 години не се памети вакво заматување на водата. Во истиот момент јас давам оставка“, вели Меџијаит Јусуфоски.