Левица: Со поројните дождови во Кичево, на површина исплива несовесното работење на властите

„Кичево со години издвојува пари кои се даваат на комуналното претпријатие, но и на приватни фирми кои треба да ги одржуваат речните корите и одводните канали. Но како што може да се забележи, со секој поголем дожд, градот има се поголеми поплави“, соопштија од опозициската партија

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Левица

Со поројните дождови во Кичево, на површина исплива несовесното работење на властите, реагира партијата Левица укажувајќи дека не е првпат на граѓаните во овој да им се случува ваква катастрофа.

„Кичево и кичевчани деновиве повторно имаат проблем со поплави. Пред не толку долго, Кичево, поради обилни дождови имаше проблем со поплави, во реонот околу Зајашка река, на улица Прилепска и населбата Подварош. Денес повторно ова подрачје беше погодено од поплава која беше далеку поголема споредено со претходната.Она  што Левица Кичево на повеќе наврати го потенцираше, кога станува збор за ризикот за Кичево при поголеми поројни дождови, сега станува реалност, а последиците за населението се огромни.

Кичево со години издвојува пари кои се даваат на комуналното претпријатие, но и на приватни фирми кои треба да ги одржуваат речните корите и одводните канали. Но, како што може да се забележи, со секој поголем дожд, Кичево има се поголеми поплави, кои прават значителна штета врз домовите и имотот на кичевчани.

Кога на ова ќе се додаде одолговлеченото санирање на сечите и свлечиштата кои се настанати како последица од изградбата на автопатот Кичево-Охрид, кои дополнително овозможуваат лесно слевање на дождовници од планината Бистра, преку Крушино, состојбата станува алармантна. Огромни количини на вода помешани со песок и кал се сливаат во градското подрачје. Поради овој проблем голема е веројатноста да настанат уште поголеми проблеми во населбите Под-крушино, Ивани Дол и Раштански пат, каде што со секој дожд, земјата околу автопатот се поткопува и земјиштето станува нестабилно. Ова може да доведе до појава на огромни свлечишта на земја кои можат да направат уште поголема штета, не поштедувајќи и човечки животи“, порачуваат од Левица.

Затоа од партијата бараат итно санирање на сите критични точки, итна санација и чистење на речните корита и одводните канали во градот и итно започнување на пошумување и санација во реонот Под-Крушино, Ивани Дол и Раштански пат, како и поставување на нова одливна мрежа за дождовници во овој реон.

„Дополнително, потребно е итна проверка на тоа кој до сега бил задолжен за санација и чистење на речните корита и одводните канали, но истото не го спровел, и истите веднаш да се изведат пред лицето на правдата. Она што некој успеал да го земе во својиот џеб без да си ја заврши својата работа, сега се наплаќа од обичниот народ, поради поплавите“, оценуваат од партијата.