Странци инвестираат во недвижностите во Скопје поради трендот и понатамошното зголемување на цените на становите

„За нашата економија е добра вест што странски фондови инвестираат во недвижности во Скопје“, вели проф. Беџети за „Локално“

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Фејсбук

Странските инвестициски фондови се повеќе изразуваат интерес да инвестираат во недвижности со посебен интерес во станови во Скопје поради трендот и очекувањата за понатамошно зголемување на цените на становите. Вообичаено инвеститорите, посебно во време на општа и глобална економска несигурност водат сметка повеќе за диверзификација на нивното портфолио базирано на стапката на повратот на инвестицијата, но и стапката на ризикот, вели во разговор за „Локално“, професорот и претседател на Фискалниот совет, Абдулменаф Беџети по информацијата дека дански инвестициски фонд кој веќе купил 250 станови во изградба во Скопје, планира бројката да ја зголеми на 500 до крајот на годинава и за кратко време да надмине 1.000 станови. Според него, сето ова е на основа на нивна анализа и проекција на очекувањата.

Беџети истакнува дека овие се два основни критериуми, во случајот на пазарот на недвижности, посебно кои во Скопје се исполнуваат.

-За нашата економија ова е добра вест и поради сигналите за другите потенцијални инвеститори. Но сметам дека ова не е случај само во Скопје туку речиси во сите главни градови на земјите од Западен Балкан, како во Белград, Тирана, Приштина…и поради постојаниот тренд на внатрешните емиграции со гравитирање кон главните градови со што ја загреваат побарувачката, а со тоа и интензитетот на растот на цените. Не треба да се исклучува и влијанието на растот на побарувачката и поради зголемениот интензитет на купување на станови од нашата дијаспора, кои во случајот влијаат многу во растот на побарувачката, а со тоа и на цените, посочува професорот.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Банкарство

Запрашан дали ова значи дополнителен притисок врз цената по квадратен метар со што ќе очекуваме уште поголеми поскапувања на становите, Беџети не мисли дека приносот од рентата (киријата) ги оправдува инвестициите во недвижностите, посебно не во становите бидејќи, како што вели, според сегашните цени на купување на стан испаѓа дека со тековните кирии (околу 500 евра за стан од над 75 квадратни метри и тоа прилично на добри локации) за инвестиција од над 2000 евра за метар квадратен, би можело да се врати во период од над 25 години, па дури и над 30 години, нешто што не би било атрактивно за инвеститорите.

-Единствено растот на цените и диверзификација на портфолиото се основни параметри при зголемена побарувачка. Оваа придружено и со очекувањата дека внатрешната емиграција со насока кон главните градови и поради моноцентричните модели на развој во нашито регион, ги потикнуваат инвеститорите да се одлучуваат за тоа, оценува претседателот на Фискалниот совет.

Покрај растот на цените, се очекува зголемување на бројот на економски работници кои доаѓаат во државата. Градежните експерти посочуваат дека важно е да се знае дали становите се купуваат за продажба на домашниот пазар или за издавање, бидејќи тоа ќе влијае на достапноста и на долгорочните ефекти врз пазарот. Градежниот експерт, Никола Велковски за „Локално“ вели дека купувањето на станови од странски инвеститори ќе влијае врз зголемување на цените на новоизградените станови кои ќе станат уште понедостижни за македонските граѓани.

Дански фонд „пазари“ во Скопје – цените на становите ќе растат, ќе доѓаат уште економски работници

Во периодот од октомври до декември 2025 година на територијата на државата регистрирани се 1.004 новоизградени станови од инвеститор, што е за 159 повеќе во однос на претходниот квартал, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности.

Истовремено, во фаза на градба се 26.522 објекти, за кои се водат листови за предбележување, што укажува на значителна понуда која допрва ќе излезе на пазарот.

Највисоката постигната цена на стан изнесува 182.404 денари по квадратен метар и е реализирана во општина Центар за стан од 83 квадратни метри, со вкупна вредност од 246.171 евро.

Во четвртиот квартал се регистрирани вкупно 9.283 трансакции со недвижности, што е за 964 повеќе од претходниот квартал. Од нив, 6.230 се купопродажби, а 3.053 се договори за закуп, што укажува на зголемена активност на пазарот.

Најмногу продадени станови има во општина Аеродром, додека најголем број вкупни трансакции се евидентирани во општина Центар.

Според податоците на Народната банка, цените на недвижностите во четвртиот квартал лани пораснале за 25 проценти на годишно ниво.

Н.П.