ЗХГ стравува од масовна еутаназија на бездомните кучиња и бара активирање на „Сејф сити“ за да се открие кој ги носи во Скопје

„Не сме заборавиле дека Комуналец во времето на Коце Трајановски масовно и симултано труеше низ сите скопски општини. Фрлаа отров накај 3 или 4 сабајле и како војска во 5 или 6 поминуваа и собираа лешеви. Не беа само бездомните кучиња, сите памтиме како умираа и домашни миленици во тие дивјачки хајки“, потсетуваат од „Зелен хуман град“

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагира дека со месеци се зголемуваат објавите и сведоштвата за исфрлање кучиња од други градови на територијата на Скопје, што, според нив, создава дополнителен притисок и тензии околу проблемот со бездомните животни.

Во објава на социјалните мрежи, од иницијативата наведуваат дека паралелно со ваквите случаи се зголемуваат и немилите снимки од несакани интеракции меѓу луѓе и животни, што, како што посочуваат, може да придонесе за создавање револт кај населението.

„Нема да биде првпат да се креира вештачки проблем со носење кучиња од други градови, создавање немир и револт кај населението за после да ‘пројде’ масовна еутаназија како ‘решение’“, наведуваат од „Зелен хуман град“.

Активистите потсетуваат дека на седница на Комисијата за комунални работи при Град Скопје, од страна на претставник на актуелното градско раководство бил споменат терминот „еутаназија“, што дополнително ја засилило нивната загриженост.

Во реакцијата се повикуваат и на претходни искуства, наведувајќи дека во минатото имало масовни труења на кучиња во Скопје. Според нив, тогаш страдале не само бездомни, туку и домашни миленици.

Од „Зелен хуман град“ бараат веднаш да се активира системот „Безбеден град“ со цел да се идентификуваат и санкционираат сторителите што, како што тврдат, намерно истураат кучиња во главниот град. Бараат и ригорозно и неселективно казнување на сите што ќе бидат фатени во вакви активности.

Воедно, апелираат до граѓаните, доколку забележат исфрлање кучиња од возило, да снимаат и фотографираат, при што регистарските таблички да бидат јасно видливи, но тоа да го прават од безбедна оддалеченост.

Активистите истакнуваат и дека актуелното раководство на Град Скопје ги сменило претставниците на активистите во управниот и надзорниот одбор на ЈП „Лајка“ и ги заменило со партиски номинации. Според нив, тоа може да влијае врз стратегиите за хумана контрола на бездомните животни.

„Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња, за шест месеци повторно ќе има нови на улиците. Неодговорните сопственици, слабите казни и фактот дека напуштањето миленик не е кривично дело се суштинскиот проблем“, наведуваат од иницијативата.