Секој четврти млад човек во Македонија е NEET, работодавачите и Владата не преземаат мерки

Дополнително загрижувачка е појавата што според извештајот на ДЗС за активно население во трето тримесечје 2025 година дека секој трет млад човек е вработен (36.6%) додека Македонија има околу 53 000 студенти (16.4% од младите) и околу 67 000 средношколци (20%).

од Vladimir Zorba
37 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Види Вака

Во изминатиот период соочени сме со се пожестока јавна дебата во однос на покачувањето на минималната плата и квалитетот на живот на работниците во Македонија во која што едната страна предводена од Сојузот на синдикатите на Македонија аргументирано тврди дека истата нужно е да се зголеми за подостоинствен живот на граѓаните додека пак Стопанската комора и Владата се со став дека голем број од бизнисите во Македонија не би можеле да издржат такво зголемување.

Но постои една демографска категорија која е можеби и најпогодена од економската ситуација во државава која многу малку се спомнува во неа а уште помалку се консултира во креирањето на економските политики – младите.

Според Законот за младинско учество и младински политики за млади луѓе во Република Македонија се сметаат лицата од 15 до 29 години додека вкупно млади лица во државава, според пописот од 2021 година има 326.733 или 18% од севкупното население.

Секој четврти млад човек во Македонија (24.2% – според Меѓународната организација на трудот) е целосно исклучен од општествените делувања, односно припаѓа во категоријата NEET (Not in employement, education, or training) што е негативен статистички показател сам по себе. Дополнително загрижувачка е појавата што според извештајот на ДЗС за активно население во трето тримесечје 2025 година дека секој трет млад човек е вработен (36.6%) додека Македонија има околу 53 000 студенти (16.4% од младите) и околу 67 000 средношколци (20%).

Младите луѓе претежно работат прекаријатски краткорочни работи без кариерна перспектива во терцијарниот сектор (особено малопродажба, угостителство и корисничка подршка) што претставуваат сектори кои се „први на удар“ во случај на глобални кризи кога економијата забавува и потрошувачките трошоци паѓаат.

Огромен проблем претставува и однесувањето на работодавачите во вакви општествени ситуации на „послаб пазар на труд“ кои сакаат да го максимизираат својот профит и имаат тенденција да даваат приоритет на искусните работници наместо интерно да обучуваат нови работници со што младите баратели на работа се соочуваат со сериозен ризик од исклучување, според истражувањето на британската Youth Futures фондација.

Властите во Македонија во изминатите години имаат направено повеќе обиди за имплементација на проекти како „Гаранција за млади“ чија цел е поголемо вклучување на младите во пазарот како дел од мерките за намалувањето на енормната економска миграција на младите кои си заминуваат од државава за поперспективна иднина во странство, но досега, како што официјалните бројки покажуваат, со низок успех.

К.Д.