Интервју со Тошковски: Пораката до сите што мислат дека Македонија може да биде транзит или пазар е јасна и тука повеќе нема плодна почва за нарко-криминал

Целосно ја поддржувам визијата и одлуките на претседателот Христијан Мицкоски во однос на иднината на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент сум целосно посветен на функцијата што ја извршувам и на реформите во безбедносниот сектор, бидејќи тоа е мојата одговорност пред граѓаните. Личните амбиции никогаш не смеат да бидат пред институционалната должност, вели министерот за „Локално“

од Nikola Popovski
64 прегледи Фото: Фејсбук

Пораката до сите што мислат дека Македонија може да им биде транзит или пазар е јасна и тука повеќе нема плодна почва за нарко-криминал. Ниту една структура нема да остане недопирлива, а секој што ќе се обиде да делува во тој правец ќе се соочи со жестока реакција од наша страна, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во интервју за „Локално“ за големата акција и заплената на 40 тони марихуана во земјава, но и за запленетите 5 тони во соседна Србија за која истрагата покажа дека потекнуваат од Македонија.

-Во однос на преминувањето на границата кон Србија, согласно воспоставениот One Stop систем, знаеме дека секоја држава го штити својот влез, односно кога излегувате од Македонија контролата е на влез во Србија, односно во надлежност на српските органи. Тоа е во делот на Министерството за внатрешни работи. Во делот на надлежностите на останатите институции ќе покаже истрагата, според министерот за внатрешни

-Остро ги демантирам наративите кои се шират дека во државата има прилив или присуство на проблематични мигранти, такво нешто едноставно нема. Станува збор за обид преку дезинформации да се создаде непотребна вознемиреност кај граѓаните, додека безбедносната состојба е стабилна и под целосна контрола на институциите. Секој што легално престојува и работи во државата поминува низ законски процедури и безбедносни проверки. Додека ние раководиме со безбедносниот сектор, нема да дозволиме никакви проблематични појави што би ја загрозиле сигурноста на граѓаните, истакнува Тошковски запрашан за темата околу мигрантите.

Министерот наведува и дека целосно ја поддржува визијата и одлуките на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на иднината на партијата после последниот конгрес на партијата, а запрашан дали еден ден се гледа како лидер на владејачката партија, вели дека „во овој момент сум целосно посветен на функцијата што ја извршувам и на реформите во безбедносниот сектор, бидејќи тоа е мојата одговорност пред граѓаните“.

Минхенската безбедносна конференција заврши, вие бевте дел од македонската делегација. Какви пораки беа испратени и кој беше вашиот фокус како министер во однос на контактите таму?

-На Минхенската безбедносна конференција доминираа пораките за зајакнување на колективната безбедност, отпорноста кон хибридните закани и потребата од поцврста трансатлантска координација. Нашето присуство беше јасна потврда дека Македонија е кредибилен НАТО сојузник кој активно придонесува во регионалната и европската стабилност. Во делот на контактите, фокусот беше на продлабочување на партнерствата, размена на искуства и отворање нови канали на соработка во сферата на безбедноста.

Опозицијата изминатава недела ја покрена темата за петте тони марихуана кои ја поминале македонската граница и за кои бара одговорност. Веќе е покрената широка акција во која се запленети 40, а премиерот најави дека може таа бројка да стигне и до 100 тони марихуана. Каде лежи сепак одговорноста – МВР, Инспекторатот, производителите…?

Фото: Фејсбук

-Одговорноста најнапред e кај оние кај кои се утврдени конкретни незаконитости, односно кај производителите и одговорните лица во компаниите каде што е констатирано нелегално производство, третман и чување на марихуаната, поради што е поднесена кривична пријава против 10 лица. Таму каде што има основано сомнение за сторено кривично дело, институциите постапуваат и нема селективност. Паралелно со тоа, се спроведуваат сеопфатни контроли во сите лиценцирани капацитети за да се утврди фактичката состојба и да се провери дали надзорните механизми функционирале навремено и целосно. Доколку се утврди институционален пропуст, ќе следи одговорност и по таа линија.

Во однос на преминувањето на границата кон Србија, согласно воспоставениот One Stop систем, знаеме дека секоја држава го штити својот влез, односно кога излегувате од Македонија, контролата е на влез во Србија, односно во надлежност на српските органи. Тоа е во делот на Министерството за внатрешни работи. Во делот на надлежностите на останатите институции ќе покаже истрагата.

Кога сме кај дрогата, се чини имаме епидемија на користење кај младите, за тоа постојано читаме и во дневните билтени. Ја губиме ли како земја оваа војна? Дали МВР прави доволно, еве, откако вие ја преземавте функцијата пред година и пол? Сметате ли дека треба поголемо полициско патролирање?

-Трговијата со дрога ја третираме како директен удар врз безбедноста и иднината на државата и затоа пристапот во овој дел ни е бескомпромисен. За помалку од две години запленивме количина кокаин еднаква на вкупно запленетата во целиот седумгодишен период на владеење на претходната Влада, што е јасен показател дека работите денес се водат со многу поинаква динамика. Пораката до сите што мислат дека Македонија може да им биде транзит или пазар е јасна и тука повеќе нема плодна почва за нарко-криминал. Ниту една структура нема да остане недопирлива, а секој што ќе се обиде да делува во тој правец ќе се соочи со жестока реакција од наша страна.

Дојдовте на власт со ветување со расчистување на криминалите на минатата власт предводена од СДСМ и ДУИ. Досега видовме неколку обвиненија, но не и судски разрешници…Од друга страна, гледаме секојдневно препукување меѓу партиите кој направил повеќе криминал, кој градел во Дубаи, кој имал бизниси со струја… но нема реакции од ниедна институција. Како до промена на овој „македонски синдром“?

-Секоја институција во рамките на државниот апарат треба да си ја работи својата работа, строго согласно закон и со јасна одговорност и отчетност. Ние постапуваме врз основа на докази, а не врз основа на политички изјави или медиумски шпекулации. Во повеќе наврати сум потенцирал дека
законот мора да важи еднакво за сите, без оглед на функција или партиска припадност. Само со институционална доследност и со почитување на поделбата на власта може да се надмине чувството на неказнивост што со години ја разјадува довербата во системот.

Мигрантите и нивно „увезување“ како „економски работници“ се уште една тема која ја разбранија јавноста, пред се поради вестите кои доаѓаат од земјите од Западна Европа, кои се поврзуваат со најразлични криминални дела. Сметате ли дека МВР има капацитет да се справи со овие лица?

-Остро ги демантирам наративите кои се шират дека во државата има прилив или присуство на проблематични мигранти, такво нешто едноставно нема. Станува збор за обид преку дезинформации да се создаде непотребна вознемиреност кај граѓаните, додека безбедносната состојба е стабилна и под целосна контрола на институциите. Секој што легално престојува и работи во државата поминува низ законски процедури и безбедносни проверки. Додека ние раководиме со безбедносниот сектор, нема да дозволиме никакви проблематични појави што би ја загрозиле сигурноста на граѓаните.

Каква е моментално состојбата со илегалната миграција и криумчарењето мигранти?

-Ситуацијата е стабилна и под контрола и покрај постојаните притисоци долж балканската рута. Во координација со ФРОНТЕКС и другите меѓународни партнери, активно делуваме како браник на европските граници и успешно се справуваме со криминални мрежи за криумчарење мигранти. Нашиот пристап е проактивен, со засилени контроли, размена на информации и заеднички операции што даваат конкретни резултати на терен.

Фото: Фејсбук

„Сејф сити“ е секојдневна тема на граѓаните. Како сте задоволни досега од неговото функционирање и каде ги гледате неговите слабости? Кога може да очекуваме негово „ажурирање“?

-„Сејф сити“ е револуционерен проект што треба суштински да ја промени сообраќајната култура и одговорноста како општество. Првичните показатели се охрабрувачки, се намалуваат сообраќајните незгоди, а граѓаните постепено се прилагодуваат. Нашата единствена цел е спасување животи, а не казнување по секоја цена. Системот континуирано ќе се унапредува, секојдневно учиме и макотрпно работиме за да биде поефикасен. Имаме чесна намера која е насочена единствено кон создавање пофункционален и поодговорен безбедносен систем што реално ќе ја зголеми сигурноста на граѓаните.

После трагедијата во Кочани кажавте дека на полицијата ѝ се неопходни огромни реформи. Се промени ли нешто во МВР по најголемата трагедија која ја доживеала земјава?

-Бескомпромисно вложуваме во модернизација на полицијата, бидејќи силната институција е гарант за безбедноста на секој граѓанин. Со нови возила, современа опрема и достоинствени услови за работа, го враќаме дигнитетот на полициската професија. Не правиме само површни измени, туку темелна реорганизација и професионализација – градиме систем кој е ефикасен, отпорен и подготвен за сите современи предизвици. Затекнавме состојба која беше резултат на повеќегодишна негрижа и свесни сме дека има уште многу работа пред нас, но токму затоа пристапуваме системски и одговорно. Ова е процес што бара време и посветеност, а ние сме решени да го истераме до крај.

Мицкоски најави дека ова му е последен мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Како партија ги укинавте потпретседателите, што доведе до шпекулации за внатрешни превирања и борба за тоа кој ќе биде следен лидер. Немате партиска функција во моментов, но дали се гледате еден ден како лидер на најголемата партија во земјава? Дали имате слични амбиции?

-Целосно ја поддржувам визијата и одлуките на претседателот Христијан Мицкоски во однос на иднината на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент сум целосно посветен на функцијата што ја извршувам и на реформите во безбедносниот сектор, бидејќи тоа е мојата одговорност пред граѓаните. Личните амбиции никогаш не смеат да бидат пред институционалната должност. На крајот, не е важно кој каква функција ќе има, туку што ќе оставиме зад себе, дали сме изградиле посилен систем, институции што функционираат и држава која ќе биде подобро место за живеење. Тоа е мерилото по кое треба да се вреднува секој од нас.

В.З.