Интервју со Мојсовска: Не смееме да дозволиме да извезуваме суровина, а да увезуваме финален производ

„Земјоделците се борат да го задржат производството при високи трошоци, ниски цени и неизвесни субвенции“, вели Мојсовска од Агро-бизнис комората за „Локално“

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МРТВ

Земјоделците не се борат само со пазарот, туку со  климатските промени, со зголемени трошоци, со недостиг на квалификувана работна сила. Во такви околности, секоја промена на финансиска поддршката предизвикува загриженост кај земјоделците. Македонија традиционално има силна аграрна основа, но во изминатите децении се соочува со структурни предизвици,  фрагментирано земјиште, недоволна модернизација, недостиг на работна сила и ниско ниво на финализација на производите, вели во интервјуто за „Локално“, Васка Мојсовска од Агро – бизнис комората при Сојуз на Стопански Комори на Македонија.

Како ја оценувате новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година?

-Новата програма за финансиска поддршка за 2026 година доаѓа во исклучително чувствителен момент за македонското земјоделство. Земјоделецот денес не се бори само со пазарот – тој се бори со климатските промени, со суши и непредвидливи временски услови, со зголемени трошоци и со сè поизразен недостиг на квалификувана работна сила. Во такви околности, секоја промена на финансиската  поддршка предизвикува загриженост кај земјоделците. Сметаме дека е важно да се слушне гласот на земјоделските производители, бидејќи тие не бараат привилегии, туку услови за достоинствено и одржливо производство. Земјоделството не е само економска активност – тоа е прашање на храна, традиција и национална сигурност. Истовремено, веруваме дека ова е момент кога треба стратешки да го планираме развојот на секторот. Потребна ни е јасна долгорочна визија – како да го направиме производството поконкурентно, како да ја стимулираме преработувачката индустрија за да создадеме додадена вредност дома, и како земјоделството да го поврземе со извозно ориентирана економија.

Дали ни требаат повеќе инвестиции современи технологии за складирање, преработка и производство?

-Не смееме да дозволиме да извезуваме суровина, а да увезуваме финален производ. Сите ние институциите, бизнис-заедница и граѓаните треба свесно да го поддржиме домашното производство. Купувањето домашни производи не е само економски избор, туку и чин на одговорност кон сопствената економија. Како Сојуз на стопански комори, ќе се залагаме за континуиран дијалог со институциите, со цел Програмата за финансиска поддршка да се доработи таму каде што е потребно и да обезбеди стабилност, предвидливост и вистинска развојна компонента за македонското земјоделство. Сметаме дека е важно Програмата да се гледа низ призмата на нејзината одржливост и насоченост кон зголемување на конкурентноста. Воедно, неопходно е да продолжи дијалогот со сите засегнати страни, производители, бизнис заедници, институции и научната фела со цел да се надминат недоразбирањата и да се обезбеди транзициски период кој нема да создаде дополнителен притисок врз производителите.

Фото: НЗМ

Дали сте задоволни од откупната цена на грозјето?

Како претставници на бизнис-заедницата, внимателно ги следиме реакциите на лозарите. Очигледно е дека дел од производителите се соочуваат со сериозен притисок поради зголемените производствени трошоци – енергенси, работна сила, заштитни средства и репроматеријали. Сметаме дека е потребен поотворен и порано започнат дијалог меѓу производителите, винарниците и институциите со цел да се постигне одржлив баланс меѓу реалната пазарна цена и економската исплатливост на производството. Долгорочно решение може да се обезбеди само преку предвидлив систем и договорно производство.

Каква е ситуацијата со откупните цени во другите сектори?

-Ситуацијата варира од сектор до сектор. Во одредени гранки има благо прилагодување на цените согласно пазарните услови, но генерално земјоделството останува сектор со висока изложеност на ценовни осцилации и ниска преговарачка моќ на примарните производители. Она што е заедничко е дека растот на трошоците во изминатите години е побрз од растот на откупните цени, што создава притисок врз одржливоста на производството. Затоа е важно да се работи на подобрување на продуктивноста, здружување на производителите и развој на преработувачките капацитети.

Дали е потребна поголема контрола од државата во аграрниот сектор?

-Не би зборувале за „контрола“ во класична смисла, туку за подобра регулаторна рамка и транспарентност во синџирот на вредност. Државата има важна улога во обезбедување фер пазарни услови, спречување нелојална конкуренција и навремена исплата. Истовремено, потребно е да се поттикне партнерски однос меѓу сите чинители – производители, откупувачи и трговци – со јасни правила и предвидливост. Нашиот став е дека стабилен и транспарентен пазар е во интерес на сите.

Како Македонија од аграрна земја стана увозник на храна?

-Македонија традиционално има силна аграрна основа, но во изминатите децении се соочува со структурни предизвици,  фрагментирано земјиште, недоволна модернизација, недостиг на работна сила и ниско ниво на финализација на производите. Истовремено, глобализацијата и трговската либерализација овозможија полесен увоз на поевтини производи. Наместо да гледаме на тоа исклучиво како слабост, треба да го искористиме како сигнал дека ни е потребна поголема конкурентност, инвестиции во технологија и подобро поврзување на примарното производство со преработувачката индустрија.

Како да го заштитиме домашното производство од увоз на неквалитетни производи?

-Заштитата не треба да се темели на затворање на пазарот, туку на доследна примена на стандардите за квалитет и безбедност на храната, јасно означување на потеклото на производите, поддршка за сертификација и брендирање на домашните производи. Исто така неопходна е поддршка на државата за заштита од климатските промени, поддршка на преработувачка индустрија, поддршка за запишување на студенти на земјоделските факултети, грантови за младите земјоделци, достапни финансиски средства за земјоделските производители со ниски каматни стапки или гранд шеми, функционални системи за наводнување во цела држава, поддршки за извоз на земјоделски производи, поддршки за инвестиции во обновливи енергии… На овој начин ќе се намалат производните трошоци на секој земјоделски производ и ќе се создадат еднакви правила за сите учесници на пазарот. Доколку стандардите се исти и доследно се применуваат, квалитетното домашно производство може успешно да конкурира.

Б.С.