Јакимовски: Ако победев на локалните избори, денес немаше да броиме 100 дена туку завршени проекти

Екс-градоначалникот објави кои проекти ќе беа готови за 100 дена во Карпош

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Фејсбук/Стевче Јакимовски

Екс-градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски се огласи со краток осврт на 100-те дена мандат на новата локална власт во скопската општина. Во својот Фејсбук статус, Јакимовски наведува дека доколку победел на локалните избори, наместо да се бројат денови од мандатот, граѓаните веќе ќе сведочеле на завршени инфраструктурни и образовни проекти низ општината.

„Градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 1 веќе ќе беше вселена. „Пролет“ кај Канела ќе беше во завршна фаза – а децата на 1 мај ќе влегуваа во нов простор, не во ветувања. Спортската сала во ООУ „Димов Хаџи Димов“? На 8 март ќе сечевме лента.

Улиците Петар Чаулев, Козле 3, Софиска, Џумајска, Јуриј Гагарин, Загребска, Атинска, Бранислав Нушиќ, Трифун Бузев – ќе беа завршени. Канализациите во Бардовци и на Ловќенска ќе беа решени. Потпорниот ѕид на Загребска ќе беше безбеден, а не тема за оправдувања“, наброи екс-градоначалникот во своето видео-обраќање.

Јакимовски истакна и дека проектите за катни гаражи во Карпош 1 и Карпош 2 ќе беа готови, со распишани тендери. Значи, како што вели, не е прашањето во деновите.

„Прашањето е во посветеноста. Кој знае – прави. Кој не знае – брои. А денот се познава по утрото. Како што почнаа овие 100 дена – така ќе изгледаат и следните 1.000“, додаде, меѓу другото, поранешниот градоначалник на Карпош.