Владата не сака да интервенира, граѓаните ќе плаќаат скап бензин и скапа храна

Македонската влада мора да ја ревидира оваа одлука за покачување на цената на горивата. Мора да ги замрзнат цените на горивата и храната на нивото од први март, за почеток на еден месец, па ако продолжи војната и после тоа, и на подолг период. Ако не го направат тоа, ќе имаме уште една инфлаторна епизода, слично како во 2022, смета Јовановиќ

од Vladimir Zorba
108 прегледи Фото: Локално

Граѓаните во Македонија се соочуваат со поскапување на горивата, особено дизелот кој порасна за 15 денари по литар, а Владата засега не најавува мерки за ублажување на ударот врз буџетот. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека горивата во земјата се сè уште најевтини во регионот и дека нема потреба од интервенции.

Експертите, пак, предупредуваат дека ваквиот пристап може дополнително да го зголеми притисокот врз домашните буџети. Според нив, растот на цената на горивата директно влијае врз цените на транспортот, а со тоа и врз цената на храната и другите основни производи. Тие посочуваат дека во повеќе земји од регионот владите интервенирале со намалување на акцизите, ограничување на маржите или привремени субвенции за да се ублажи инфлаторниот притисок.

Дел од економистите сметаат дека без конкретни мерки, постои ризик поскапувањата да се прелеат во поширока инфлација, што дополнително ќе ја намали куповната моќ.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ

-Не знам дали е до незнаењето или немањето волја, ама однесувањето на Владата досега е просто катастрофално. Одлуката да се поскапат горивата – дизелот дури за 15 денари – е неверојатна и ќе има огромни последици. Тоа е целосно спротивно од она што треба да се прави во вакви ситуации. Прво и основно што мора да се прави во вакви ситуации е да се замрзнат цените на храната и енергенсите. Мора да се се спречи тие да скокнат уште веднаш, зашто ако тоа се случи, ќе почне бранот на поскапувања кој потоа многу тешко ќе се запре. Дури и ако се намалат глобалните цени по некое време, домашните нема. Тоа го видовме убаво во 2022. Нафтата тогаш скокна на 120 долари по нападот на Украина, па потоа се намали на 70 долари по неколку месеци, ама домашните цени не само што не се намалија, туку продолжија да растат. Истото ќе се случи и сега, ако продолжи војната и ако Владата продолжи со ова однесување, изјави за „Локално“, Бранимир Јовановиќ економски аналитичар.

Тој додава дека и Австрија, која е прилично конзервативна по овие прашања, веќе се подготвува ограничување на цените на горивата. Србија веќе го направи тоа, а Хрватска ги замрзна цените на горивата.

-Македонската влада мора да ја ревидира оваа одлука за покачување на цената на горивата. Мора да ги замрзнат цените на горивата и храната на нивото од први март, за почеток на еден месец, па ако продолжи војната и после тоа, и на подолг период. Ако не го направат тоа, ќе имаме уште една инфлаторна епизода, слично како во 2022, смета Јовановиќ.

Поранешниот министер за финансии и економски експерт, Џевдет Хајредини е на сличен став дека државата треба да ги намали цените на горивата преку акцизата, ДДВ и други давачки и да ги покрие загубите на нафтените компании.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ

-Тоа што имамем најниска цена не е најдобро и тоа не е сега туку е резултат на одлуки за пониска акциза и понизок ДДВ на претходната Владат. Се чудам на оптимизмот на премиерот дека кризата ќе трае 3-4 дена и дека ќе немамем никакви последици. Иран не е Венецуела и не верувам дека војната ќе заврши толку брзо. Колку и да има контрола врз цената на нафтата и нафтените деривати економските последици се неизбежни како за нас, така и за цела Европа, истакнува Хајредини за „Локално“.

Владата вели дека имаме резерви, но тие резерви брзо се трошат. Поради тоа, тие треба да се чуваат во случај војната да потрае и да не останеме без нафта. Одлуките на претседателот Доналд Трамп се непредвидливи тоа се покажа и во случајот со царините. Поради тоа, Владата треба да ја преиспита одлуката и да донесе мерки за да го заштити на стандардот на граѓаните.

Б.С.