Од врвот до дното: Тетовецот Рене Реџепи го напушта својот ресторан „Нома“ по обвинувањата на вработени дека ги злоставувал

од Весна Трајкова
28 прегледи Фото: Wikimedia Commons

Славниот готвач Рене Реџепи се повлече од улогата на главен готвач во својот престижен ресторан „Нома“, по лавината обвинувања од поранешни вработени дека ги малтретирал, физички ги напаѓал и создавал токсична работна средина во кујната. Реџепи ја објави својот одлука на социјалните мрежи.

„По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, одлучив да се повлечам и да им препуштам на нашите извонредни лидери да го водат ресторанот во неговото следно поглавје“, изјави Реџепи.

Одлуката следи откако поранешни вработени го обвинија славниот готвач за создавање токсична работна средина, вклучувајќи вербално и физичко злоставување.

Ресторанот за висока кујна со седиште во Данска се подготвуваше за гостување во Лос Анџелес, но плановите беа нарушени од сериозните обвинувања. Во неодамнешна статија на „Њујорк тајмс“ беа објавени тврдењата на десетици поранешни вработени кои го обвинија Реџепи за создавање насилна култура во кујната и токсична работна атмосфера. Обвиненијата се однесуваат на вербални закани и физичко малтретирање во ресторанот „Нома“ што го основал во 2003 година.

„Извинувањето не е доволно, јас ја преземам одговорноста за моите постапки. За секој што се прашува што значи ова за ресторанот, дозволете ми јасно да кажам: тимот на ‘Нома‘ денес е посилен и поинспиративен од кога било. Отворени сме 23 години и неверојатно сум горд на нашите луѓе, нашата креативност и на насоката во која се движи ‘Нома‘“, рекол Реџепи.

Тој додал дека тимот ќе продолжи со својата работа во Лос Анџелес без него.

Реџепи (48) е роден во Копенхаген и има потекло од тетовското село Џепчиште. Од отворањето во 2003 година, „Нома“ беше прогласуван за најдобар ресторан на светот во 2010, 2011, 2012, 2014 и во 2021 година и стана поим за меѓународна луксузна кујна, во кој мени чини околу 500 евра.

Реџепи го основаше ресторанот „Нома“ во Копенхаген во 2003 година и беше главен готвач. Ресторанот има три „Мишелин“ ѕвезди и пет титули најдобар ресторан во светот.