Лазовски: Владата треба да интервенира со средства за најзагрозените кои се најголеми страдалници од кризата

Кризата не смее да падне врз грбот на сиромашните, иако Македонија не мора да ги спроведува истите мерки како најбогатите земји од Европа

од Nikola Popovski
35 прегледи Славко Лазовски/Фото: Принтскрин/Јутјуб

Од 18 на 10 проценти се намалува стапката на ДДВ за горивата – вонредна мерка на Владата за ублажување на ценовниот шок по растот на цените на горивата, предизвикан од војната на Блискиот исток. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека дополнително ќе се разговара со ОКТА за можноста да се зголеми попустот за дизелот. Одлуката треба да донесе намалување на цената на горивата од 6 до 7 денари по литар, за да се пресретне очекуваното ново поскапување. Во моментов нема потреба за воведување кризна состојба, ниту пак за намалување на акцизата, смета Владата.

Навремена или задоцнета мерка? 

Дел од експертската јавност смета дека Владата треба да интервенира со пакет мерки за помош на најзагрозените категории на граѓани. Експертот за даночни прашања, Славко Лазовски во разговор за „Локално“ вели: „Мислам дека дури и малку мудро беше, во одреден временски период, Владата да го зајакне и зацврсти Буџетот со приходите од акцизата и ДДВ на нафтените деривати“. Сепак, додава, Владата доцни на другата страна – давање на средства од Буџетот за категориите кои се најзагрозени како граѓаните на минималец, со најниска пензија и примателите на социјална помош.

-Тие се најголемите страдалници во оваа криза и мора час поскоро да се интервенира. Таквите групи на граѓани се во безизлезна ситуација. Кај пензионерите не е доволно овие 1000 денари линеарно зголемување туку за оние кои се под просекот, да важат двата критериуми со полн износ – стапката на инфлација и порастот на платите, а додека кај групата со пензии над просекот, да биде како и во законот, 50% од овие две ставки, посочува Лазовски.

Бензиска пумпа во центарот на Скопје/Фото: Локално

Експертот смета дека не треба да се воведе ограничување во точењето гориво за странски државјани кои доаѓаат на пограничните пумпи за „бензиски и дизел-туризам“.

„Ако доброволно некој сака да ни го полни најмалиот Буџет во Европа, тогаш секоја чест и фала му, без ние да имаме обврски. Опасноста дека некогаш ќе дојдеме во ситуација да немаме гориво, мислам дека е претерано. Секогаш имало и потешки ситуации и имало луѓе кои успеваат да обезбедат горива, иако прашањето е само цената. Треба и понатаму да овозможиме да ни го полнат Буџетот и луѓето од другите земји“, дециден е Лазовски.

За вчерашната одлука за намалувањето на ДДВ, соговорникот вели дека не е некоја грешка, но не е ниту некоја голема мерка. Прашува како Владата ќе се справи со најпогодените слоеви од општеството?

-Треба да дојде до преуредување на приоритетите и Владата мора час поскоро да ги земе работите во свои раце. Не смее кризата да падне врз грбот на сиромашните. Иако сме во групата на најсиромашните земји во Европа, не мораме да ги следиме богатите во сите мерки како се справуваат ниту пак мораме да ги следиме земјите од соседството. Од првите се разликуваме бидејќи имаат широка лепеза на даноци и добра даночна структура и високи стапки. Земјите од соседството ги применуваат тие мерки, но се разликуваме од нив поради тоа што имаат поразвиена даночна структура. Можеби со стапките сме тука негде и затоа се залажуваме да ги применуваме истите мерки како они, но ситуацијата на даночен план не е иста. Не е исто да спроведуваш политика на високи даноци и да применуваш одредени мерки за заштита од кризата, а сосема е друго да преземаш мерки во земја како нашата во која водиме политика на ниски даноци, заклучува Лазовски.

Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција по владината седница/Фото: Фејсбук

Премиерот апелираше до трговците да не профитираат на сметка на граѓаните. Забележани се повисоки цени во одредени марките на дел од производите. Мицкоски најави засилени инспекциски контроли.

Електро енергетскиот сектор е стабилен уверува премиерот, предизвик е цената на мазутот. На седницата во вторник ќе се разговара за ова прашање. Мерката за намалување на ДДВ ќе стапи на сила на полноќ на 23 март, по новите корекции на цените од Регулаторната комисија за енергетика в понеделник. Државните резерви за гориво и за електрична енергија се стабилни и без дополнително снабдување доволни за 60 дена, секако додаде Мицкоски ризици постојат како и секаде во светот, но и владата е подготвена со разработени неколку сценарија за системски мерки.

Зошто премиерот Мицкоски чекаше три недели за да донесе ваква мерка и да ги остави граѓаните да плаќаат поскапи горива, праша лидерот на СДСМ, Венко Филипче оценувајќи оти намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти е задоцнето и нема да даде ефект.

Филипче се сомнева дека власта ги штити бизнис – интересите на одредени компании на сметка на граѓаните и повика да се прифатат мерките кои ги предложи СДСМ. Оценува дека кризата ќе продолжи да го урнисува стандардот на граѓаните и според него државна помош треба да се обезбеди за земјоделците и граѓаните. Филипче потсетува дека во ковид-кризата Владата на СДСМ имала 110 мерки поделени во 6 пакети вредни 1, 2 милијарди евра за ублажување на економските последици.

Поради проблеми со набавката на горива, Словенија го ограничи полнењето гориво до 50 литри за физички лица и 200 литри за компании. Горивата на автопатите се продаваат по пазарна цена, надвор од нив се намалени и контролирани.

„Конфликтот на Блискиот Исток не се смирува и како резултат на тоа, цената на нафтата надмина сто долари за барел во последните денови. Очекуваме зголемување на цената не само на дизелот, туку и на нафтата за греење“, изјави Бојан Кумер, министер за енергетика на Словенија.

Србија дополнително ја намали акцизата на горивата за 40 проценти. Ценовни ограничувањата воведоа и БиХ и Хрватска.

Хрватска беше меѓу првите земји што веднаш го намали ценовниот шок за евросупер, евродизел и синиот дизел, како и за течниот нафтен гас.

Црна Гора привремено ја намали акцизата на дизелот за 50 проценти, а на бензините за 25 посто.

Н.П.