Витанов: Без оглед што сме аспирант за ЕУ, Владата не треба да ја интересира од каде доаѓа до енергенси

„Ако земји-членки на ЕУ одат контра препораките на Брисел за извори на енергија, не гледам зошто Македонија, која и онака доживува понижувања, не би се свртела кон алтернативни извори на увоз на енергија“, вели економистот за „Локално“

од Nikola Popovski
68 прегледи Фото: Фејсбук/Зоран Витанов

Според одлуката донесена на вонредна седница на Владата, акцизата за дизелот се намалува за четири денари, а за бензините за два денара по литар. Истовремено, уште две недели продолжена мерката за намален ДДВ за горивата на 10 проценти.

Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика ги утврди новите највисоки малопродажни цени на горивата кои ќе важат од полноќ. Според одлуката, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 83,50 денари за литар, што претставува намалување од 0,50 денари. Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 останува непроменет и ќе се продава за 85,50 денари за литар. Од друга страна, дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) поскапува за 2,50 денари и ќе чини 98,00 денари за литар. Зголемување има и кај екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое поскапува за 3,00 денари и ќе се продава по 95,50 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС исто така бележи раст и ќе изнесува 51,311 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија информираат дека во просек цените на нафтените деривати се зголемуваат за 1,41 отсто. Главна причина за растот се повисоките референтни цени на светските пазари, особено кај дизелот и екстра лесното масло, како и благото зголемување на курсот на доларот. Во исто време, дел од растот е ублажен со владините мерки. Трговците, како што се наведува во одлуката, и понатаму можат да ги формираат цените и пониско од утврдените максимуми.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека засега не се планира ново задолжување надвор од предвидената рамка, но Владата е подготвена за неизвесноста што ја носи кризата од Блискиот Исток. Сепак оценува дека годинава ќе биде исклучително тешка. Во периодот што следува ќе се размислува и за мерки поврзани со цените на основните производи.

Иако намалувањето на акцизата ќе значи и десетици милиони евра помалку во државната каса, Мицкоски уверува дека во неа има доволно пари. За јуни е најавен ребаланс, со цел да се обезбедат средства за тековните трошоци, без да се загрози ликвидноста на Буџетот.

Дали досегашните преземени мерки се доволни?

За дел од експертите, која било мерка да ја преземе Владата, од аспект на граѓаните, секогаш нема да бидат доволни, ако кај нив се почуствува по џебот, како што сега се покачени цените. Според економистот Зоран Витанов, ова што се случува сега не е вина на Владата, туку е глобален проблем предизвикан од причина за која, како што потенцира, Владата нема никакво влијание.

-Сепак, сакам да потенцирам во поновата историја на Македонија, многу пати се случувало нагло покачување на горивата, но ниту една Влада досега не реагирала ниту со намалување на ДДВ ниту со намалување на акцизите. Од тој аспект, апсолутно го оправдувам и го поддржувам овој потег, посочува Витанов за „Локално“.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Алфа Тв

Сега треба до максимум, додава соговорникот, да се зголемат резервите на гориво и храна. Исто така, потенцира Витанов, Владата треба да гледа дека глобалните текови се менуваат и имаме нов светски поредок.

-Без оглед на тоа што сме аспирант во ЕУ, Владата не треба да ја интересира од каде доаѓа до енергенси туку битно е да се дојде до нив. И онака нашиот т.н. партнер ЕУ многу не покажа почит кон нас овој период. Ако земји-членки на Унијата одат контра препораките на Брисел за извори на енергија, не гледам зошто земја-кандидат, која и онака доживува понижувања, не би се свртела кон алтернативни извори на увоз на енергија, подвлекува економистот.

Од СДСМ сметаат дека владините мерки за намалување на цените на дериватите се задоцнети. Според партијата, кризата на Блискиот Исток веќе има влијание врз цените на прехранбените производи. Во среда на собраниска седница треба да се најдат предлог законите на опозициската партија со кои се бара намалување на ДДВ-то на дериватите на 5 проценти и нула акциза. Во меѓувреме, обвинуваат дека катастрофалните економски политики на Владата на Мицкоски оставаат илјадници македонски семејства без работа, без егзистенција, на улица.

-Додека брутално се пумпаат пари преку криминални тендери, над 1.500 работници во изминатиот период останаа без работа. Тоа се 1.500 човечки судбини, празни трпези и неизвесна иднина за илјадници граѓани…Македонските работници ги бркаат од работа, остануваат „економските работници“ и затоа нема зголемување ниту на минималната плата на 600 евра, порачаа од „Бихаќка“.

Цените на јајцата и на маслото за јадење имаат мало покачување според анализата на Државниот пазарен инспекторат на движењето на набавните, производствените и продажните цени во првите три месеци од годината во земјава.

„Во трговијата на мало забележано е покачување на продажните цени на јајцата и маслото за јадење во сите малопродажни објекти. Во просек, зголемувањето на цената на јајцата е за 1 до 2 денари по јајце или од 10 до 20 проценти, а на маслото за јадење од 4 до 10 денари по литар во зависност од производител, односно од 7 до 10 проценти“, велат од ДПИ.

Од увидот и анализата на цените на производите во трговијата на големо од страна на Пазарен, утврдено е зголемување на увозната/производната цена на јајцата и маслото за јадење односно зголемување на директните трошоци за производство на истите. Покачувањето на цените во трговијата на мало го следи покачувањето на цените во трговијата на големо и нема промена на бруто профитната маржа.

Н.П.