Џорџа Мелони пресече: ја суспендираше автоматската обнова на одбранбениот договор со Израел

Италијанската премиерка Џорџа Мелони соопшти дека владата донела одлука за суспензија на автоматското обновување на одбранбениот договор со Израел

од Кристијан Димков
17 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Џорџија Мелони

Говорејќи на собир во Верона, Мелони изјави дека одлуката е донесена во согласност со актуелната ситуација.

„Со оглед на моменталната состојба, владата донесе таква одлука. Меѓународната ситуација е нешто на што мораме да продолжиме да работиме за да ги унапредиме мировните преговори, да вложиме максимални напори за стабилизирање на состојбата и повторно да го отвориме Ормутскиот теснец, кој за нас е клучен, не само за гориво туку и за ѓубрива“, порача таа.

Исто така, нагласи дека односот со САД не е прашање на една влада.

„Се трудиме да го дадеме максимумот, сметајќи ги САД за наш стратешки и приоритетен сојузник. Но, кога сте пријатели и имате сојузници, особено ако се стратешки, мора да имате и храброст да кажете кога не се согласувате, што јас го правам секој ден. Сметам дека изјавите, особено оние за папата, беа неприфатливи“, изјави таа.

Таа повтори дека папата има целосна поддршка од Владата на Италија.

„Ја изразив и продолжувам да ја изразувам мојата солидарност со папата Лав XIV. Искрено, не би се чувствувала пријатно во општество во кое верските лидери го прават она што им го кажуваат политичките лидери. Да речеме само, не во овој дел од светот“, заклучи Мелони