Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на вчерашната редовна седница оцени дека бројноста и жестината на нападите преку средствата за јавно информирање и социјалните мрежи, со најчесто целосни неточни тврдења, се со однапред смислена цел за разбивање на единството на СОНК и создавање на атмосфера за преземање на раководните функции, почнувајќи од синдикалните организации, регионалните одбори, па се до национално ниво.
Советот, кој е највисок орган на одлучување меѓу два конгреса и е статутарно обврзан да го гради единството на Синдикатот, заклучи дека СОНК повеќе од деценија и половина е изложен многу често на неосновани напади, со однапред пресметана цел за нанесување штета на Синдикатот, соопшти СОНК.
– Најизразени примери за овие напади доаѓаа од преку ноќ формираниот во 2005 годнина СОНК при ССМ, кој набрзо потоа се трансформира во Мултиетнички синдикат (МЕСО). Колку што ни е познато формално тој се уште постои, но никогаш не се легитимира пред јавноста, ниту колку членови има, број на синдикални организации, како и кога последен пат е одржан Конгрес на кој е избрано актуелното раководство, кое е истото од времето на формирањето, велат од СОНК.
Од неодамна, нагласуваат, присутен е Наставничкиот пленум како неформална група, која е многу активна преку средствата за јавно информирање и социјалните мрежи.
– СОНК не навлегува околу причините за нивното формирање, меѓутоа сосема легитимно бараме членовите на Наставничкиот пленум веднаш да престанат со пласирање на невистини, конструкции и неспорни лаги и клевети, како за целата наша организација, така и за поединци од раководството на СОНК. Не навлегуваме во ниедно од нивните гледања за образованието, но не можат тие да се обидуваат нивните агенди да ги остваруваат преку СОНК, затоа што СОНК има своја програма, свои цели, свои легитимни органи, законски докажана репрезентативност како социјален партнер. Според тоа, Наставничкиот пленум нема никакви основи да се обидува да биде паралелен партнер со СОНК, ниту пак има било каква основа да се надева во СОНК да бара сојузник за остварување на неговите намери, потенцираат од СОНК.
Додаваат дека имаат сигурни податоци дека во оваа неформална група има членови кои се уште се членови на СОНК, што е целосно спротивно со повеќе одредби од Статутот на СОНК.
Како дел од поновите случувања во образованието, нагласуваат, исто така од неодамна се појави и Средношколскиот пленум, кој дополнително го „збогати“ списокот на неформални групи, кои се појавуваат како паралелни на легитимните и со закон формирани организации.
– Во врска со Средношколскиот пленум СОНК сака да ја изрази својата загриженост за можноста оваа неформална група на дел на ученици од неколку средни училишта да не бидат изманипулирани и искористени не за промовирање на свои интереси, како стандарди во средното образование во демократските земји, туку за одработување на туѓи агенди, велат од Синдикатот.
Затоа, посочуваат се задолжуваат синдикалните организации на СОНК од чиј состав има членови во Наставничкиот пленум согласно на одредбите на Статутот на СОНК, да бидат соодветно санкционирани, заради непобитните факти дека Наставничкиот пленум досега има направено безброј директни напади врз СОНК, без никаков основ и аргументација, што претставува казниво дело што е санкционирано и со законите на Република Македонија.
За реализирање на овој Заклучок, како што се наведува, се задолжуваат и регионалните одбори на СОНК, во смисла на помагање и следење на активностите во синдикалните организации .
Највисокото раководство на СОНК, пак, се задолжува да покрене соодветни судски постапки преку адвокатската канцеларија против сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постојат докази дека направиле незаконски дејствија против СОНК и неговото раководство и да се утврди и штетата што е нанесена врз СОНК со таквото нивно дејствување, стои во соопштението./ МИА
