АНАЛИЗА: САД-МКД и прислушувањата на службите или како да се остане на власт!

од Vladimir Zorba

Потребата за да се убеди пошироката јавност за да се верува во нешто што е во нечија корист (најчесто на власта), датира уште од дамнешни времиња. Разликата од тогаш до денес, се состои само во алатките и методите за постигнување на саканата цел.

nixonresigns

Во интерес на секој владател е да опстои што подолго на власт, а еден од начините во поновото време (особено со развојот на технологиите) е да се контролира мислењето на пошироката јавност преку задирање во нивната приватност (доколку не се воспостави строга контрола сметам дека и понатаму ќе се случуваат), поточно прислушкувањето. Со овој труд ќе се обидам да направам компаративна анализа на Американското и Македонското искуство во скандалите со прислушкувањата.

Од 2010 година Македонија се соочува со најголемите проблеми и предизвици од нејзиното постоење како независна држава, почнувајќи од зачетоците на финансиската криза во Македонија, масовни протести, енормен пораст на меѓуетнички тензии , масовни апсења на луѓе “осомничени за криминал”, скандалот со прислушкување, вооружен конфликт во Куманово и др. Најголем интерес во јавноста, меѓу другото, привлече скандалот со прислушкување (“Macedonia Government Is Blamed for Wiretapping Scandal – The New York Times н.д.), бидејќи преку аудио лентите (за кои се уште официјално не е докажано кој и зошто прислушкувал), кај народот драстично се зголемија сомнежите за можно криминално и коруптивно работење на поголем дел од владините функционери и членови на владеачката партија (читај НЕ цела влада и НЕ целото членство на партијата).

Сите овие случување беа следени од “будното око” на народот, кадешто системот на “перење на мозокот” повторно го доби своето потполно значење, преко кој се успеа да се сврти народот против народот, т.е да се подели народот на “демонстранти” и “контра-демонстранти”. Пропагандите се движеа во насока: од една страна, дело на “странски служби”, до обвинување за”мафијашки тип на владење”, од друга страна. Генезата на настанување на протестите е јасна, но најмногу за поздравување е улогата која ја имаа (и сеуште ја имаат) студентите и средношколците. Граѓанската т.н Шарена револуција ((“Who are Macedonia’s ‘I Protest’ demonstrators?,” н.д.), со своето делување ги удри темелите на граѓанското будење и борбата против системот на “перење на мозок “, преку “обележувањето” на сите објекти од проектот за кои приврзаниците на ова движење сметаа дека се изработени од криминалното работење на актуелната влада (тврдења базирани на разговорите од аудио лентите).

Како резултат на целата ова ситуација, и притисокот од страна на меѓународната заедница, “никна” Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО) – кое и преку нивното лого уште на почетокот најави дека ќе биде браникот на правдата и сабја за криминалот.

Сите овие случувања во Македонија, укажуваат на многу сличности но и суштински разлики со еден многу познат настан од минатото, поточно со една од најпознатите афери за прислушкување од минатиот век па се до денес – аферата “Вотергејт”(Marsico, н.д.).
КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА НАСТАНИТЕ:

Прва сличност. Во однос на Вотергејт авторот Ендрју Кохат во неговата статија насловена “Како Вотергејт кризата ја поткопа поддршката за Претседателот Никсон”, смета дека Претседалот Никсон за време на неговата политичка кампања во 1972година “издвојувал убедлива победа и повторен реизбор со 68% од вкупниот број на гласови според анкетите направени од Галуп”(Andrew Kohut1 comment, 2014), иако аферата веќе била на повидок.

Од друга страна, имаме скоро идентична ситуација во Македонија но со различна временска рамка и актери. Во Мај 2014 година, во Македонија се одржаа редовни Претседателски и вонредни Парламентарни избори. На Претседателските избори претседателот Ѓорге Иванов издвојува победа со 55.28% од вкупниот број на гласови  додека пак на вонредните парламентарни избори владеачката ВМРО-ДПМНЕ доби 42.97% од вкупниот број на гласови.
Имено, и во Вотергејт случајот и во Македонскиот скандал со прислушкувањето, аферите се обелоденија непосредно пред изборите, но сепак на крај и во двата случаја “осомничените страни” издвојуваат победа. За постигнување на овие резултати, кандидатите и во двете земји се бранеа тврдењата дека опонентите користат секакви методи само за да ги добијат изборите.
Втора сличност.

Во однос на Вотергејт, Кохат смета дека и покрај “убедливата поддршка за Претседателот Никсон, кога Вотергејт скандалот почнал да се разгорува довербата на Американскиот народ почнала постепено да опаѓа”(Андрењ Кохут1 цоммент, 2014). Во продолжение, базирајќи се на резултатите од анкетите на Галуп , Кохет тврди дека младите биле поделени во нивните ставови, додека пак лицата постари од 30 години сметале дека Претседателот Никсон треба да биде сменет(Andrew Kohut1 comment, 2014). Но, како причина за опаѓање на довербата во работата на Претседателот било објавувањето на транскриптите од сниманите разговори. И во тоа време медиумската пропаганда играла голема улога. Служејќи се со пропагандни методи, администрацијата на Претседателот Никсон пробувала да го затскрие скандалот со прислушкувањето и да го сврти вниманието на граѓаните со (во тоа време) актуелната Виетнамска војна (“Nixon declares Vietnam War is ending – Dec 08, 1969 – HISTORY.com,” н.д).

Но, гледано од ова дистанца тие обиди биле јалови, бидејќи надвладеала волјата и здравиот разум на народот. Во таа насока, авторот Тадман Кајл пак, тврди дека токму медуимите и весниците ја одиграле главната улога, бидејќи според Кајл “Американскиот народ имал пристап до секојдневното пренесување на најновите случувања преку медиумите (Watergate – The Presidential Scandal that Shook America” н.д.) што само предизвикало да се зголеми притисокот од страна на јавноста за покренување судска постапка против претседателот Никсон и неговото поднесување на оставката.

Од друга страна, сличен развој на настаните и во Македонија. Лидерот на опозициската партија СДСМ, во подолг временски период, јавно ги објавуваше разговорите од аудио-снимките преку бројни партиски прес-конференции. Во еден од приватните разговори, воден помеѓу лидерот на СДСМ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше тајно сниман и кој “процури”во јавноста, беше забележано дека лидерот на СДСМ изјавува дека тие разговори ги има добиено од т.н “странски служби”. Благодарејќи на медиумите, овој моментум (тајното снимање на разговорот и терминот”странски служби”), беше искористен во негативна насока од двете страни.

Зошто сметам во негативна насока? Бидејќи само ја разгори политичката криза во Македонија; поделбата помеѓу народот стана уште поочигледна и потензична, т.е народот стана заложник на политичката криза која што потоа следеше. Настана класична “медиумска војна”во која жртви беа исклучиво граѓаните на Р.Македонија. Незаконското објавување на разговорот за кој сметам дека, иако имале дозвола за употреба на ПИМ мерки од страна на судот, неговото истекување во јавноста само ја подигна сомнежта кај народот дека власта сепак вршела планско и систематско прислушкување на народот. Врз основа на таа т.н “медиумска војна протестите кои следеа потоа добија на масовност и интезитет. Во исто време, преку тврдењата на лидерот на СДСМ г-дин Зоран Заев искажани во снимка од разговорот со поранешниот Премиер г-динот Никола Груевски , власта ја искористи таа ситуација “за да се оправда” дека тие аудио снимки се неверодостојни и дека се дело на т.н “странски служби”- се обиде да докаже пред народот дека опозициската партија работи против интересите на државата. Од друга страна пак, обвинувањата одеа во насока дека истекувањето на разговорот во јавност е само поткрепа на нивните тврдења дека власта врши неовластено прислушкување на народот. Како обид за затскривање на скандалот (од страна на власта) може да се толкува и уништувањето на претходната опрема за прислушкување, како и разниот медиумско-полициски притисок врз неистомислениците. И во македонскиот скандал со прислушкувањето, медиумите ја одиграа и сеуште ја играата главната улога, но за жал не толку професионално и етички како во времето на Вотергејт аферата. И во случајот на прислушкувањево Македонија, исто како и во случајот со Вотергејт , власта се обиде и да го дефокусира вниманието на јавноста.

Поточно, македонските власти пробаа да го искористат Вооружениот судир во Куманово, ( “Gunfire, explosions in Macedonia as police battle ‘armed group’ | Reuters,”н.д.), за да преку медиумите го свртат вниманието на народот со “сеење страв во јавноста” за постоење на реални закани за терористички напади во Скопје и останатите градови. Би сакал да истакнам дека, покрај притисокот од јавноста, значаен придонес во надминување на политичката криза и поднесување на оставката на Премиерот Никола Груевски, како и формирањето на СЈО и техничката влада, одиграа и преставниците на меѓународната заедница .

Трета сличност.

Како што споменав и претходно, во однос на обвиненијата и основаните сомненија за прислушкување на администрацијата на Претседателот Никсон, против него беше покрената истрага од страна на Федералното Биро за Истраги (ФБИ), како и судска постапка “првично застапувана од Специјалниот Јавен Обвинител Арчибалд Кокс”(Watergate Chronology: 1973 н.д.). Во тој период, Претседателот Никсон во намерите да ја опструира постапката против него и да го заташка скандалот, пробува да влијае врз ФБИ (“(“Watergate Scandal – Facts & Summary – HISTORY.com,”), за потоа и да нареди смена на Специјалниот Јавен Обвинител Арчибалд Кокс.

На неогово место го поставува Специјалниот Јавен Обвинител Леон Јаворски. Разрешувањето на Специјалниот обвинител Кокс во Американската јавност е познат како “Масакрот на Саботната вечер Saturday Night Massacre) (“Watergate Chronology: 1973,” n.d.). Покрај тоа, повикувајќи се на доверливоста на владините документи и степенот на нивната важност, Претседателот Никсон не дозволувал пристап до владините документи за да се утврди неговата директна вмешаност во скандалот Вотергејт. (Watergate Chronology: 1973 н.д.)
И во однос на овие случувања, нешто слично се случува и во Македонија.
Под притисок на јавноста, и уште поголемиот притисок од преставниците на меѓународната заедница, лидерите на 4-те најголеми политички партии во Македонија дадоа согласност за формирање на посебно, независно и професионално тело кое треба да го истражи случајот со прислушкувањето во Македонија, односно формирање на Специјално Јавно Обвинителство (СЈО). Во контекст на тоа, и покрај дадената поддршка за формирање на СЈО од страна на лидерите на најголемите политички партии во Македонија, неодамна пратениците во Собранието на Р.Македонија гласаа ПРОТИВ продолжување на мандатот на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО). Истотака, во неколку наврати беше покрената и иницијатива до Уставниот Суд на Република Македонија, за изгласување на неуставноста на СЈО. Најновите случувања, на релација на СЈО и Управата за Безбедност и Контраразузнавање (УБК), поточно ограничувањето на пристапот до апаратите за прислушкување и снимените разговори повикувајќи се на нивната доверливост и степен на важност, може да се протолкува како активен отпор за доследно завршување на истрагите. Најновите обиди, со оневозможување на пристап на истражителите на СЈО до уредите за прислушкување во Управата за безбедност и контра-разузнавање (УБК), повикувајќи се на доверливоста на податоците и нивното бришење од системот е само уште еден од низата обиди за опструирање и прекинување на случајот.

Четврта сличност.
Во однос на Вотергејт, по поднесената оставка како Претседател на САД – Ричард Никсон го именува Џералд Форд за иден Претседател на САД(“Letter from House Minority Leader Gerald R. Ford to President Richard M. Nixon,” 2016), кој е од редовите на Републиканската Партија, исто како и Претседателот Никсон.
По стапувањето на должност, Претседателот Форд , преку” Одредбата 4311″(“Gerald R. Ford: Proclamation 4311 – Granting Pardon to Richard Nixon,” н.д.), му додели Помилување на поранешниот Претседател Ричард Никсон.
Вредно за споменување, одреден период пред објавување на Одлуката за помилување, Претседателот Никсон ги доставил на увид лентите на Судијата Сирица. Со одлуката за помилување, се стави крај на скандалот со прислушкувањето во Америка. Повторно, слична ситуација и во Македонија. По поднесувањето на оставката на премиерот Груевски и останатите министри осомничени за криминал, беше формирана “техничка влада” кадешто се уште актуелен “Технички-Премиер” е поранешниот Генерален Секретар на ВМРО-ДПМНЕ г-динот Емил Димитриев.
Истотака, имаме случај со Помилување и во Македонија но во поголем обем – Претседателот Ѓорге Иванов одлучи да ги аболицира сите осомнични лица вмешани во скандалот на прислушкување (Macedonian president pardons 56 in wiretap scandal, U.S. raps move,” 2016)), што уште повеќе ја разлути критички настроената граѓанска маса која резултирање со масовни насилни протести по Скопје и останатите градови во Македонија.

Различност.

Сигурно ќе се прашате што е тогаш различно? Разликата е прво, во случајот Вотергејт “на лице место беа фатени провалувачи кои се обидувале да украдат строго доверливи документи од Вашингтон ДС и да снимаат телефонски разговори, и истите биле директно вклучени во политичката кампања на Претседателот Ричард Никсон”(Watergate Scandal – Facts & Summary – HISTORY.com,” н.д.), во Македонија таа опрема е уништена со што се отежнува постапката за докажување.

Второ, во случајот Вотергејт кога Претседателот Никсон ги доставил лентите до судот, се докажало дека Претседателот Никсон бил вмешан во прислушкувањето на исклучиво владини телефони, како и негова инволвираност во прикривање на скандалот. Но, најбитно е да се спомене дека од разговорите можело да се заклучи дека прислушкувањето било исклучиво за потребите на националната безбедност , без никакви докази за било какво друго криминално и/или коруптивно работење на тогашната администрација на САД. Но тоа што било најбитно за јавноста се знаело – кој прислушкувал и зошто. Волјата и здравиот разум преовладал кај Американскиот народ, на кој не му било битно дали и кој прислушкувал, бидејќи истите сметале доколку ова сега не се запре истото би продолжило и понатаму со задирање и во нивната приватност. Поточно, свеста на лојалниот граѓанин, без разлика дали си Претседател или не, доколку си се огрешил ЌЕ ОДГОВАРАШ ПРЕД ЗАКОНОТО ЗА СВОИТЕ ДЕЛА.
Тоа што е различно во Македонија, во истовреме и многу битно за јавноста е што СЕ УШТЕ не е докажано 1.) Кој вршел прислушкување во Македонија и 2.) Зошто вршел прислушкување (која била целта). Покрај тоа, уште повеќе битно е да се докаже веродостојноста на разговорите (монтирани или немонтирани), како и индициите за криминал кои произлегуваат од нив. Според досега објавените разговори, и доколку истите се покажат за веродостојни, постојат основани сомненија за масовно прислушкување на граѓаните како и индиции за сторени тешки кривични преку злоупотреба на службената положба. Досега, ниту Државниот Јавен Обвинител Марко Зврлевски, ниту судиите од Управен, Кривичен, Врховен и Уставен суд не се спротиставија на партиските барања (на било која партија) за доследно да ја завршат својата работа за која се платени со народни пари, што фрла уште поголем сомнеж за отсуство на воља од страна на владеачката партија да го расветли овој случај. За крај, за време на Вотергејт скандалот немало притисоци и закани а најмалку отпуштање од работа на новинари, како што е случајот во Македонија со критички настроените новинари против власта, а врзано за овие случувања.
ЗАКЛУЧОК.
Земајќи го во предвид сето горенаведено, можеме да кажеме дека постојат сомнежи дека можно е Македонските власти да го следат искуството од Вотергејт – исклучиво за да се спречи и заташка овој скандал . Во таа насока примената на Американското искуство (конкретно искуствата од Вотергејт) во сузбивање на вакви случаи е исклучително битно, и истото во Македонија треба да се искористи исклучително во позитивна насока, т.е истите да се искористат за да не се дозволи опструирање на правдата.

Поточно, на СЈО максимално да им се овозможи и понатаму независно да си ја врши работата (која успешно и ја започна) за до крај да го истражи овој случај без никакви притисоци и опструкции од страна на политичарите или било која друга страна.

Напорите на меѓународната заедница за доследно спроведување на правото, е за големо поздравување, и истото треба да се искористи за закрепнување од настанатата штета врз имиџот и угледот на Македонија.

Во сегашните услови кога притисокот и опструкциите врз СЈО, од страна на судството и одредени партии, е на највисоко ниво до сега – најнеопходно е формирање на специјално судско одделение кое независно и непристрасно ќе суди. За таа цел, сета моќ е во рацете на граѓаните – да се изборат секој што прислушкувал без разлика на вера,нација и политичка припадност да одговара, и секој оној што се огрешил пред законот , починувајќи криминал преку злоупотреба на службената позиција, без разлика на вера,нација и политичка припадност исто да одговара.

Покрај улогата на народот, исто толку битна е улогата и на медуимите кои имаат опшествена одговорност за објективно, стручно, професионално и непристрасно да си ја вршат својата работа.
За крај, сметам дека доколку Македонија потклекне во овој скандал и сите починители не бидат изведени пред лицето на правдата, граѓаните засекогаш би ја изгубиле довербата за поседување на било каква приватност, како и созадавање на страв дека во Македонија постои САМО селективна и не сразмерна правда, која е нееднаква за сите граѓани./Libertaas.

БИБЛИОГРАФИЈА:

Andrew Kohut1 comment. (2014, August 8). How the Watergate crisis eroded public support for Richard Nixon. Retrieved from http://www.pewresearch.org/fact-tank/2014/08/08/how-the-watergate-crisis-eroded-public-support-for-richard-nixon/

Gunfire, explosions in Macedonia as police battle “armed group” | Reuters. (n.d.). Retrieved August 2, 2016, from http://www.reuters.com/article/us-macedonia-police-idUSKBN0NU06X20150509

Letter from House Minority Leader Gerald R. Ford to President Richard M. Nixon. (2016, August 15). Retrieved October 22, 2016, from https://www.archives.gov/education/lessons/ford-nixon-letter

Macedonia Government Is Blamed for Wiretapping Scandal – The New York Times. (n.d.). Retrieved October 6, 2016, from http://www.nytimes.com/2015/06/22/world/europe/macedonia-government-is-blamed-for-wiretapping-scandal.html

Macedonian president pardons 56 in wiretap scandal, U.S. raps move. (2016, April 13). Reuters. Retrieved from http://www.reuters.com/article/us-macedonia-wiretap-usa-idUSKCN0XA1ZB

Marsico, K. B. and J. (n.d.). Watergate Revisited: How Has America Changed? Retrieved October 13, 2016, from http://www.forbes.com/sites/bowmanmarsico/2014/08/05/watergate-revisited-how-has-america-changed/

Nixon declares Vietnam War is ending – Dec 08, 1969 – HISTORY.com. (n.d.). Retrieved October 22, 2016, from http://www.history.com/this-day-in-history/nixon-declares-vietnam-war-is-ending

Watergate – The Presidential Scandal that Shook America. (n.d.). Retrieved October 13, 2016, from https://www.academia.edu/4433790/_Watergate_-_The_Presidential_Scandal_that_Shook_America_

Watergate Chronology: 1973. (n.d.). Retrieved October 22, 2016, from http://watergate.info/chronology/1973-chronology

Watergate Scandal – Facts & Summary – HISTORY.com. (n.d.). Retrieved October 13, 2016, from http://www.history.com/topics/watergate

Watergate Timeline. (n.d.). Retrieved October 22, 2016, from http://academic.brooklyn.cuny.edu/history/johnson/watergatetimeline.htm

Who are Macedonia’s “I Protest” demonstrators? (n.d.). Retrieved October 7, 2016, from http://www.aljazeera.com/news/2016/06/macedonia-protest-demonstrators-160604153228127.html

www.president.mk
www.rezultati.sec.mk

http://academic.brooklyn.cuny.edu/history/johnson/watergatetimeline.htm

 

Слични содржини