Грчкиот парламент  вечерва изгласа давање помош за луѓето со ниски пензии – една од две иницијативи за поддршка, објавени од страна на премиерот Алексис Ципрас и предизвика нови тензии меѓу Атина и нејзините кредитори, пренесе Франс прес.

Помошта беше одобрена од 196 пратеници од различни партии од присутните вкупно 257 народни избраници. Мерката предвидува доделување на додаток за декември на пензионери кои примаат под 850 евра месечно. Помошта  изнесува вкупно 617 милиони евра.

Другиот вид на помош предвидува да се одложи зголемувањето на ДДВ на островите во Егејското Море, каде што има купишта на голем број бегалци.

Ципрас  ги најави иницијативите пред една недела. Поради овие мерки претседателот на Еврогрупата најави прекин, по иницијатива на Германија, на краткорочните мерки за олеснување на грчкиот долг во замена за реформи.