
Групацијата “Исламска држава”, ги повика поддржувачите на џихадистичката организација да вршат напади врз цели во Европа за време на новогодишните празници и ги повика муслиманите да се држат настрана од христијанските празнични манифестации, пренесе Ројтерс.
Повиците беа упатени откако европските власти ги засилија безбедносните мерки поради атентатот на божиќен базар во Берлин, за што одговорноста ја презеде групата “Исламска држава”.
Пораката придружена со слики на борци со огнено оружје и ножеви на слики од Дедо Мраз, елени и елки, е објавена на интернет и фундаменталиситички сајтови кои ја поддржуваат ИД, соопшти американскиот центар за набљудување на исламистички сајтови SITE.
“Нивните празнични манифестации, клубови, пазари, театри, кина, центри и дури болници се идеална цел за вас”, се вели во онлајн обраќањето кон исламистичките екстремисти во Европа.
Во него се вели дека ИД ќе ги замени огнометите со појаси со експлозиви и експлозивни направи.