Врачување на наградата „Роман на годината“ на Давор Стојановски

од Vladimir Zorba
81 прегледи

 

Во галеријата Даут-пашин амам вечер ќе му биде врачена наградата „Роман на годината“ за 2016-та на Давор Стојановски за книгата „Собирачи на пепел“, во издание на „Или-или“.

Стојановски е 18-ти лауреат на оваа книжевна награда што ја доделува „Утрински весник“, а беше избран за нејзин годинашен добитник од жирито во состав Петар Андоновски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Маја Бојаџиевска, Нове Цветаноски и Катарина Богоева.

– Романот „Собирачи на пепел“ претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми, како што е чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата, соопшти жирито минатиот месец на објавувањето на добитникот на наградата, која се состои од статуетка, плакета и 150.000 денари.

Давор Стојановски е роден на 8 март 1987 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Живее во Австрија, пишува проза, поезија, драмски текстови и критичка литература. Дел од неговото творештво е објавено во домашни и во странски антологии и книжевни списанија. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот избор со четири други романи за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.

На конкурсот за наградата за оваа година пристигнале 28 романи, а во финалето за наградата влегоа и романите „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојановска и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ од Игор Станојоски.