Грчката Влада подготвува план Б за враќање на комуналците на работа

од desk2
77 прегледи

Грчката Влада подготвува план Б, кој ќе го спроведе доколку продолжи штрајкот на општинските комунални работници, кои собираат смет, односно ќе употреби судски налог со кој тие ќе мора да се вратат на работа, дознава „Катимерини“.

– Владата нема да дозволи јавното здравје да биде изложено на ризик, изјави портпаролот на Владата, Димитрис Цанакопулос.

Тој не откри повеќе детали, но друг владин извор јасно стави до знаење дека властите располагаат со две варијанти кои можат да ги искористат, „а тоа се судството и армијата“.

Според високи извори, како што јави дописникот на МИА од Атина, Владата ја разгледува можноста да употреби судски налог со кој работниците ќе се вратат на своите работни места со образложение дека нивниот штрајк претставува ризик за јавното здравје.

Во земјата не постои закон за мобилизација на комуналните работници, кој Владата би го употребила, како што направи со вработените во метрото и морнарите кои мораше на тој начин да ги врати на работа.