Жан Моне!? Толку ли е страшно што Груевски по 11 години не е на власт, па сега пак мораме да имаме меѓународна ситуација?

од Vladimir Zorba
95 прегледи

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

 

Кој ли ќе оди во куќата на Жан Моне во близината на Париз на разговори за помирување помеѓу власта и опозицијата во македонското Собрание? Според идејата на европратеникот Иво Вајгл таму ќе требало да оди по еден координатор, еден пратеник и еден член од собраниската служба на секоја пратеничка група.

Најдобро е да се испрати пратеникот Крсто Мукоски да им ја отвори вратата на гостите. И со него да биде Јохан Тарчуловски за да ги спроведува до собите да не се изгубат. А Сашо Василевски ќе биде таму за секој случај да не треба и резето од портата да се отстрани.

Можеби затоа и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште се мисли дали да ја прифати иницијативата за помирување во близина на Париз. Оти се многу. Десет пратенички групи, по тројца во секоја делегација, триесет души нема да ги собере во иста соба. Не е ова стан во Капиштец за време на избори од пред четири години. Или, сѐ уште размислуваат оти се пребројуваат кој има пасош, а кој нема за да излезе од земјата. Плус и датумите со судските рочишта треба да се усогласат.

Да знае идеологот на обединета Европа Жан Моне кој ќе му шета низ куќата, во гроб ќе се превртува. Таму Роберт Шуман, Двајт Ајзенхауер и Конрад Аденауер воделе визионерски политички дебати, а ние Владанка Авировиќ ќе им ја пратиме. И Влатко Ѓорчев да се кара сам со себе.

Скапо ќе ја чини Европската унија овој нов обид за рехабилитација на Никола Груевски и неговата дружина. Тој 11 години тука на дебата не се појавил, во Собрание му е под ниво како пратеник да се пријави, а ваму кај Жан Моне ќе разговара со политичките противници за парламентарно помирување? Што ќе им раскажува? Како се случи 27 април?

Башка, чуму им се тие прошетки до Париз? Нели сите честитаа на успешно спроведените избори. Луѓето гласаа, одлучија дека повеќе не сакаат Груевски да биде на власт и – тоа е тоа. Кој е тука скаран и со кого? Во секоја земја има власт и опозиција. Толку ли е страшно што Груевски по 11 години не е на власт, па сега пак мораме да имаме меѓународна ситуација?

И кој ќе плати за прошетките до Париз? Европските даночни обврзници? Ние, со парите од акцизата за дизелот од новиот буџет? Или, не завршиле баш сите украдени народни пари од Македонија на Белизе. Останало нешто и за враќање на Груевски во живот.

Целата колумна на СДК на следниот линк.