Незаконското прислушување на над 20 илјади лица во Македонија, што со години го спроведувала поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а на почетокот на 2015 година го објави тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, преку проектот „Вистината за Македонија“, предизвика вистинска експлозија и во јавноста и во политичкиот естаблишмент, но и кај меѓународната заедница, со што повторно се актуелизира прашањето за безбедноста на системот за следење на комуникациите во земјата. И сето тоа во исклучива насока на заштита на приватноста на граѓаните.
Како треба да се спроведува следењето, кој треба да го спроведува, кој треба да го одобрува, како да се спречат злоупотребите, како да се заштитат граѓаните?
Функционери, политичари и од власта и од опозицијата, новинари од сите медиуми, членови на ИВЗ, синодот на МПЦ, бизнисмени со години биле прислушувани. И ова и не ќе беше новина во поновата македонска историја, доколку не беше толку омасовена и долготрајна појава, со оглед на фактот што и претходно имавме искуство со вакви афери, како Големото уво во 2001 и Дувло во 1992 година.
Децидно, преку формулацијата „заробена држава“ во својот извештај за состојбите во Македонија многу сликовито оваа состојба ја опиша Рајнхард Прибе, кој освен констатациите даде и многу јасни препораки за тоа што треба под итно да се направи за земјата да може да се врати на патот на демократијата и развојот.
Еден од топ приоритетите, што тој ги посочи, очекувано беа реформите на безбедносниот сектор, со посебен акцент на тајните служби и системите за следење на комуникациите.
Во изминатиот неколкумесечен период, од доаѓањето на новата Влада, интензивно се работеше токму на оваа реформа, согласно препораките на Прибе.
Меѓуресорска работна група веќе го дефинира моделот, за што пред неколку дена зборуваше премиерот Зоран Заев, а, згора на тоа изготвен е и нацрт-закон за новото тело, што ќе биде трансмисијата меѓу барателите на прислушувањето и операторите.
Комплементарен со него е и нацрт-законот за следење на комуникациите. Двата закона се достапни на увид на веб страницата ЕНЕР. По завршување на рокот за јавен увид, законите на 18 декември треба да се најдат на владина седница, по што се очекува да бидат доставени и до Собранието.
Уште три законски решенија се во пакетот за реформи на следењето на комуникациите, а измените и новите законски решенија се само еден дел од сеопфатната реформа на безбедносниот систем, или почеток на одвојувањето на партијата од државата.
Управата за следење на комуникациите во УБК, позната како Петта управа ќе се преименува во Оперативно-техничка агенција (ОТА) и ќе функционира како посебно тело. Ќе излезе надвор од Управата за безбедност и контраразузнавање. Предлог-законот за ОТА законот во целост би требало да почне да се применува најдоцна до 1 ноември 2018.
Горан Николовски, директорот на УБК на неодамнешната јавна дебата посочи дека забелешките на Прибе одат во два правца, како да се регулура следењето на комуникациите и реформи во целокупниот безбедносно-разузнавачки систем, значи не само УБК.
Контролата врз системот за следење на комуникации се зајакнува, со цел да се оневозможи или барем да се доведе на минимум можноста за негова злоупотреба.
Прислушувањето надвор од УБК
Прв чекор во реформите е прислушувањето да се извади од УБК.
Законот, како што посочуваат експертите предвидува контролата врз работата на ОТА да ја има директно Собранието, а не МВР, како што беше досега.
Препораките гласеа – да се одземе монополот на УБК врз следењето на комуникациите.
– Сите знаете дека во моментот јас сум тој кој го потпишува секој извештај што оди кон обвинителството, без разлика кој е корисник. Јас комуницирам со обвинителството, таа моја позиција мене ми дозволува да бидам запознат со се што во моментов се следи од комуникација во државата. Од која било институција што има надлежност тоа да го прави. Тоа е тој монопол. Ако сакам тоа можам да го правам, значи секоја информација можам да ја контролирам. Тука е можноста за злоупотреба, појаснува Николовски.
Експертот во разузнавање и контраразузанавање Станислав Пипан кој 20 години помина на високи функции во Петтата управа и 13 години во Агенцијата за раузнавање решението за намалување на злоупотребата на УБК исто така го гледа во формирање на служба за прифаќање на разговорите кои ќе се прислушуваат и кај корисниците.
– Доколку не е така, повторно ќе има проблем ако УБК мора да ги слуша тие разговори, пак ќе ја има контролата врз сите разговори, а знаеме дека Управата не е поштедена од политиката. УБК треба да се врати на работата што си ја работеше порано, а тоа е борба против надворешен непријател, односно против терористички организации, против разни дипломати кои роварат под капата на дипломатијата, вели Пипан.
Контрола врз прислушувањето
Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија во Парламентот. Ќе може да вршат надзор без најава.
Во контролата, како што е содржано во предлог законот за следење на комуникациите се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.
Дирекција за безбедност на класифицирани информации ќе врши надзор над ракувањето со класифицирани информации, Дирекција за заштита на лични податоци врши надзор над законитоста на преземените активности при обработка на лични податоци, а Народниот правобранител врши надзор од аспект на почитување на човековите права и слободи.
Новина е Советот за граѓанска контрола, кој дополнително треба да биде формиран. Советот ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието.
Советот за граѓански надзор, кој е една од новините, ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието.
Парламентот распишува јавен оглас за назначување на претседател и шест членови, од кои тројца членови се претставници од невладините организации од областа на заштитата на основните човекови права и слободи, безбедноста и одбраната. Нивниот мандат ќе биде три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот.
Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките. За да изврши контрола во ОТА или во операторите ќе мора претходно да се најави.
Експертите, сепак, под знак прашалник ја ставаат ваквата контрола во пракса, стравувајќи за тоа како таа реално ќе функционира.
– Цивилната и суштинската контрола и натаму ќе бидат под голем прашалник доколку во парламентарните комисии за надзор над тајните служби не се вклучат и експерти и не се подготви методологија за контрола на службите, изјави за МИА поранешниот министер за внатрешни работи и добар познавач на оваа проблематика, Павле Трајанов.
Додава дека петте контролни субјекти можат да бидат предност, но и добро покритие за злоупотребите на тајните служби.
– Се добива впечаток дека ќе имаме повеќе и поголем број на контролори и тие може во јавноста повеќе да создаваат „шум”, отколку да обезбедат целосна и продлабочена контрола над работата на безбедносните служби од аспект на кршење на човековите права со злоупотреба на системите за прислушување, нагласува Трајанов.
Како ќе функционира системот
Следењето на комуникациите е забрането без судска наредба. Овластени органи за спроведување посебна истражна мерка – следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации или ПИ мерка се јавниот обвинител и правосудната полиција, согласно предлог-законот за следење на комуникациите.
Барање за донесување наредба за спроведување ПИ мерка до надлежниот судија поднесува надлежниот јавен обвинител по сопствена иницијатива или на предлог на овластено лице од правосудната полиција.
Собраниската комисија и натаму врши надзор на мерките за следење на комуникации и тоа без претходна најава, дури и во недостиг на мнозинство.
Досега некоја од институциите што можат да побараат прислушување, испраќаше барање до обвинителството, кое проценува дали има основ за тоа. Обвинителството потоа барањето го доставуваше до судот и доколку се дадеше одобрување барањето се враќаше до УБК, а потоа во Петтата управа, каде се наоѓа системот за прислушување и во соработка со операторите се спроведуваше прислушувањето.
Сега со новото решение обвинителството, по одлуката на судот одобрението го испраќа до новата агенција, во која ќе се префрли системот за прислушување. Судот прави проценка дали прислушувањето може да се одобри, а агенцијата има чисто техничка улога, нејзините вработени само ќе го притискаат копчето за почеток и завршување на оваа операција.
Освен МВР, појаснува Трајанов, законска основа да иницираат прислушување имаат и Царинската управа, Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и Министерството за одбрана.
– Тоа ја отвара дилемата каде ќе се обработуваат прислушуваните разговори и другиот вид на комуникации, каде ќе се чуваат, вели Трајанов.
Тој нагласува дека јавниот обвинител ќе проследува барање за прислушување до судот, но во услови кога не се формирани истражните центри, се проблематизира обработката и квалитетот на материјалите што ќе се користат како докази во судска постапка.
Свичовите се префрлаа во ОТА
Во новото законско и оперативно решение прифатена е забелешката свичовите да се извадат надвор од УБК. Тоа се медијациските уреди што овозможуваат комуникација меѓу сигналот и провајдерите и техника за следење на комунукациите.
Во разговорите со експертската група на Прибе во оптег биле четири предлози. Свичовите да се префрлат кај провајдерите на услуги, кај обвинителството, да се формира независно тело што ќе ги контролира свичовите и за кривичните истраги тие да бидат кај една од понудените опции, додека за истрагите поврзани со безбедноста на државата да останат во УБК.
Од предложените четири Владата го одбира моделот со таканаречено интермедијарно тело. ОТА ќе биде медијаторот во процесот на пресретнување на комуникациите и треба да биде независна во делот на техничката улога во следењето.
Директорот на УБК, појаснува дека со формирање на новата агенција, наредбата за прислушување од обвинителството ќе оди до ОТА.
– Нејзината улога ќе биде само техничка, по добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот односно барателот на услугите, тоа е нивниот дел, тие нема да можат да собират податоци, да слушаат, само можат да го вклучат сигналот. Сигналот го пренасочуваат кон корисникот кон барателот, тој пак ќе може само да слуша да собира податоци нема да може да приклучува. Сакаме да воспоставиме реална контролна моќ, тоа значи агенцијата ќе може да вклучува, ама нема да може да слуша, барателот ќе може да слуша, ама нема да може да вклучува, вели Николовски.
Како ќе функцонира ОТА, улогата на директорот, колку тој може да биде непристрасен, улогата на човечки фактор…
ПРОДОЛЖУВА…
Автори: Ана Цветковска – Борис Куновски/МИА