Обединетите нации го повикаа Косово да подготви стратегија за тоа како да ги разубеди косовските исламисти од идејата да се приклучат на терористичките групи во Ирак и Сирија.
Се проценува дека во изминатите пет години 335 граѓани на Косово заминале да се борат на Блискиот Исток или биле спречени додека планирале да отпатуваат кон Сирија и Ирак.
Овие исламисти најчесто патувале до Турција, од каде потоа се приклучувале на групи како Исламската држава (ИД) или Џабат ал Нусра, при што некои од косовските исламисти добија и високи позиции во ИД.
– Етнички Албанци кои се борат во редовите на екстремистичките групи, како Лавдрим Мухаџери, Ридван Хакифи и други објавуваа фотографии на кои се гледа дека покажуваат моќ, па дури и среќа, пишува во извештајот.
Во извештајот на Обединетите нации се посочува дека високата стапка на невработеност во Косово од над 33 проценти, односно 57 отсто кај младите, заедно со високата стапка на сиромаштија, придонесуваат за радикализирањето на младите луѓе.
Интернетот служи како главна алатка за поврзување на младите, радикализирани луѓе со исламистичките групи на Блискиот Исток, се заклучува во извештајот./МИА