Туристичките понуди стануваат сѐ побогати и поразновидни од сезона во сезона. По секс-туризмот и евтините понуди за здравствен туризам (естетска хирургија и операции за промена на полот), се развива нова туристичка гранка; патување во земји каде може да ја лажирате сопствената смрт и да почнете „од нула“.

Според британски „Telegraph“, местото каде „цвета“ ваквиот бизнис се Филипините, земјата на контроверзниот политичар Родриго Дутерте каде откако тој е на власт некои делови станаа како некогашниот Див Запад.
Таму, за скромни 400 евра на туристите им се нуди т.н, „смртен пакет“ во кој добиваат документација со која може да докажете дека сте умреле на оваа островска земја. Во пакетот е вклучено и купување на безимен леш од една од бројните филипински мртовечници што се преполни поради бруталните пресметки на властите со криминалните групи што се прелеаја од границите на институциите и службите.
Весникот наведува дека муштерии најчесто се неверни мажи кои сакаат да го напуштат семејството и да почнат живот со друга жена, како и неуспешни „играчи“ на Волстрит кои сакаат да побегнат од милионските долгови.

Меѓу оние кои успеале да ја лажираат сопствената смрт е и американската новинарка Елизабет Гринвуд која „почина“ како туристка во 2003 година, по сообраќајка во Манила. Откако била примена во болница, лекарите констатирале смрт, или барем така стои во официјалните документи.
Таа „починала“ додека правела истражување за нејзината книга за овој бизарен феномен, но своите документи ги чува и никогаш не ги дала на службите во САД, иако верува дека би можела официјално да биде „мртва“ и во својата родна земја.