По 6 часа извлекување вечерва спасена планинарка од Македонија на грчки Олимп (ФОТО)

од Vladimir Zorba
97 прегледи

 

Околу 6 часа траеше акцијата за извлекување на планинарка од Македонија, која на симнување од врвот Стефани на грчката планина Олимп се лизнала и според првичните информации е полесно повредена. Од местото на несреќата, како што јавува дописникот на МИА од Атина, пренесена е во најблискиот планинарски дом „Јоргос Апостолидис“, каде што е згрижена се наоѓа во добра состојба и се чека околу 22.30 хеликоптер Супер пума на грчкото воздухопловство да ја пренесе девојката во болница во градот Лариса.

Дописникот на МИА од Атина, поразговара со двајцата пријатели на Елена, кои се со неа во планинарскиот дом, а заедно тргнале на планирање на Олимп. Тие велат дека девојката е добра, има мала повреда на ребрата, во планинарскиот дом имаат медицинско лице, а се во исчекување на хеликоптерот.

-Елена е добра пие врел чај со мед и се смее. Имаме медицинско лице овде, функциите се стабилни има само мала повреда на ребрата 1 или 2, најверојатно се скршени, меѓутоа функциите се стабилни. На почетокот додека да се стабилизира, дишеше кислород од боца, меѓутоа сега, сѐ е во ред.  – вели Горан Николовски , пријателот на девојката во телефонскиот разговор за МИА и додава дека имале голема помош од околу 20ина лица во напорите за извлекување и пренесување на повредената.

Александар Кирковски, бил заедно со девојката кога се случила несреќата. Се искачиле на врвот Стефани на 2909метри. Сѐ било во ред, одлично се движеле, условите во главно биле добри, а Елена паднала при спуштањето од врвот околу 10 часот утрово.

-Речиси пред да дојдеме на самата патека која што е безбедна, на Елена ѝ се лизна едната нога и продолжи да се движи надоле по снежната падина која што е со некоја умерена стрмнина. Се обиде да застане, но не успеа и се лизна околу 100 метри висински, а должински околу 170 метри. Ја немав во видно поле, се спуштив до неа и на самото место видов дека се чувствува добро, дека е компатибилна и дека нема крвавење или видлива повреда. Имаше само болка странично, веројатно проблем со некое ребро, пукнато или нешто слично. – раскажува за МИА, пријателот на девојката.

На мобилниот телефон немал мрежа за да повика помош, па откако и помогнал на Елена да остане во статична позиција и да не се лизне дополнително, ѝ дал вода и апче за болка и истрчал до најблискиот дом за да побара помош.

-Се вративме екипа од 6-7 лица, сите беа Грци и се спуштивме до неа, направивме систем за извлекување и целото извлекување траеше 5-6 часа. – за МИА вели Александар Кирковски .

Во спасувачката акција учествуваа 11 пожарникари од Катерини, Литохоро и од специјалната единци за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба. Во текот на денот, хеликоптерот не успеал да пристапи до местото каде што се случи несреќата, па грчките медиуми објавија дека повредената девојка дури утре ќе биде пренесена во болница. Меѓутоа според последните информации , очекувањата се дека околу полноќ Елена  сепак ќе биде во болницата во Лариса. За време на акцијата македонскиот конзулат во Солун бил во постојан контакт со надлежните  спасувачките екипи .