Властите на Бермудите се премислија: повторно забранети истополовите бракови

од desk2
86 прегледи

По помалку од една година од легализацијата на истополовите бракови, Бермудските Острови повторно ги забранија и ги заменуваат со животни партнерства, објавија светските медиуми.

Гувернерот на британските острови, Џон Ранкин, вчера го потпиша законот со кој институцијата истополов брак се заменува со животно партнерство. Ранкин за локалните медиуми изјавил дека новиот закон им гарантира на истополовите двојки еднакви права како хетеросексуалците.

Инаку, владата на Бермудите и натаму ќе ги признава браковите од ист пол склучени пред потпишувањето на новиот закон. Геј-пратеникот во парламентот, Крис Брајант, на „Твитер“ ја објавил следнава порака: „Одлуката Бермудските Острови да ги забранат истополовите бракови ги поткопува напорите на Велика Британија за промоција на правата на ЛГБТ-популацијата“.

Тај Коб, директор на организацијата за човекови права Human Rights Campaign Global, изјави дека Ранкин и бермудскиот парламент се срам за Бермудите бидејќи ја направиле првата национална територија во светот што ја укинала еднаквоста во браковите.

„Оваа одлука го одзема правото на паровите од ист пол за венчавка и ги загрозува меѓународната репутација и економијата на Бермудите“, рече Коб.

Бракот од ист пол на Бермудите бил легализиран во мај 2017 година по тужба на истополов пар кој побарал еднакви човекови права како и хетеросексуалните двојки. Сепак, конзервативните лидери се побунија по одлуката на судот тврдејќи дека одредбите не ги одразуваат интересите на мнозинството од населението.

Инаку, истакнати ЛГБТ-активисти веќа повикаа на бојкот на Бермудските Острови.