Унковски: Mакедонецот не знае што да прави со слободата

од desk4
138 прегледи

Дел од интервјуто на Слободан Унковски за Призма:


Призма: Откако Македонија излезе од тешка политичка криза по една деценија авторитарен пир, го прашувам – чувствува ли денес промени во културата, во секојдневието?

„И да, и не. Веќе ништо не е исто, ама личностите за кои мислевме дека ќе ги снема од нашата сцена, сѐ уште се мотаат наоколу, некои на битни места. Новата слобода покажа дека Mакедонецот не знае што да прави со слободата и како да е посреќен и поуреден во диктатурата која му даваше рамки, лимити и закани од секаков вид. Културата оди во нејасен правец со препознатливи популистички потези и со идеја да се нахранат сите. Промените во културата, и воопшто во општеството, не се соодветни на револуционерната енергија за промени која ја донесе оваа Влада. Секојдневието и животот се порелаксирани и точно е дека надежта лебди во воздух, но таа е со ограничен рок на траење“, потенцира Унковски.

И кога грди практики од минатата власт и денес добиваат свои оазички, без разлика дали се исклучоци или подметнати кукавичини јајца, барам одговор – дали гледа политичка волја и општествена енергија да се прекинат тие девијантни појави, пред да стане доцна.

„Ми се чини дека бројот на оние што веруваат дека овие девијантни појави можат да се прекинат е помал од бројот на оние што смислуваат како да се искористат можностите. Корупцискиот модел до највисоките места на власта во изминативе десетина години на ВМРО-ДПМНЕ, ги извитопери свеста и чувството за морал, одговорноста кон задачата, професионалноста, не е важно што се краде ако се гради и слично… Кај нас на автопатот пишува: „Не ја загадувај нашата иднина“ и постојано гледате ѓубре. Во САД пишува: „Казна за загадување 500 долари“ и нема ѓубре“, компарира Унковски.

Смета дека искоренувањето на корупцијата не е прашање на семинари, поетски читања и нежен говор туку на смени, судења, истраги, мониторинг, работа на обвинителството.

„Тоа што денес секој има потреба да го изрази својот став за прашања од неговата експертиза или многу почесто надвор од неа, го сметам за позитивно, но недоволно. Нам ни е потребна акција на сите нивоа која треба да ја започнат државните органи, зашто кај нив е и мечот и сѐ друго. Како СДСМ да е расчеречен меѓу ургентноста за драстични и драматични промени, и потребата од нови квалитетни луѓе на нови места и идејата за право и правна држава, за простување и вклучување на некои од машите на минатата власт за да има еден ден национално помирување и нов заеднички почеток“, анализира режисерот.

И сигурен е во оценката кои ќе бидат првите знаци по кои ќе препознаеме дека сме израснале во демократска смисла, дека сме станале позрели, посвесни, поодговорни: „Кога ќе се води дебата без лични дисквалификации, кога ќе нема поделби на патриоти и предавници, кога ќе умееме да ја сослушаме другата страна, кога ќе се обидеме да го разбереме другиот, кога ќе дадеме предност на среќата над зависта и злобата, кога ќе го живееме и браниме својот живот сега, овде, кога ќе престанеме да изигруваме жртва и да се самосожалуваме“.

…интервјуто со Слободан Унковски во целост прочитајте го тука