Со концертот на „Крафтверк“ – германските пионери на електронската музика, вечер во Вип Арена „Борис Трајковски“ ќе почне 20-тиот фестивал „Таксират“.
„Крафтверк“ гостуваат во Скопје повторно по 13 години. Овојпат ексклузивноста на нивното гостување е и во спектакуларното 3-Д визуелно шоу кое е дел од нивните концерти на актуелната турнеја.
– Доаѓаат во Скопје со огромен тим кој ќе се погрижи овој концерт да биде доведен до перфекција и кој работи на комплетната техничка и продукциска реализација на секој од концертите во нивната турнеја, соопштија организаторите.
„Крафтверк“ е една од највлијателните и најзначајни електронски групи во светот, предводник на експерименталната сцена. Во речиси 50 години постоење објавиле десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два лајв албуми, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија во мај минатата година.