Седум американски извиднички авиони се забележани во близина на сирискиот брег, и тоа во источното Средоземно Море, каде се разместени руските бази во Сирија, Хмејмим и Тарус, пренесуваат руските медиуми.

Американските летови ги забележала и агенцијата за мониторинг на летови „Мил радар“.
Се работи за шест противподморнички авиони P-8A Посејдон, кои полетале од базата Сигонела на Сицилија, како и еден авион за радиоелектронско извидување EP-3E Ариес 2, кој полетал од Крит.
Медиумите потсетуваат дека и претходно американската мрежа CNBC, повикувајќи се на неименуван извор запознат со ситуацијата во Сирија, јавила дека САД разгледуваат можност да нападнат осум различни цели во Сирија.

Заменикот премиер на Русија, Аркадиј Дворковиќ денеска рече дека „меѓународните односи не може да зависат од нечија волја наутро кога ќе се разбуди“, пренесе руската новинска агенција.
„Не може да зависиме од волјата на некој од другата страна на океанот, од тоа што тој ќе помисли наутро“, вели тој, алудирајќи на Доналд Трамп.
Американскиот институт за воени студии ги следи извештаите за поместување на силите на Русија и на Сирија од минатонеделниот хемиски напад. Како што пишува, два руски Su-24 авиони извршиле ниски прелети над американскиот разорувач „Доналд Кук“ и француската фрегата Аквитан на 11 април. Истиот ден русија изведе вежба на сирискиот брег за да ги одврати американските маневри, пишува британски Гардијан.
Русија наводно, распределила и четири Tu95 и Tu-160 бомбардери од базата во Русија и се претпоставува дека се упатени во Сирија.