Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо, ги демантираше информациите кои циркулираат во европските медиуми во последниве недели, кои го поврзуваат со менаџерското место на Челзи.
Пред неколку дена, англиски „Телеграф“ објави дека Ди Франческо би можел да го замени Антонио Конте на чело на тимот од „Стемфорд Бриџ“.
– Јас во Челзи? Размислувам само за Рома. Јас сум фокусиран на сериозни работи. До крајот на сезоната ќе имаме неверојатни натпревари и ќе се бориме за големи успеси, изјави Ди Франческо.
Конте ги предводеше „сините“ од Лондон до титулата минатата сезона, но актуелната кампања на тимот е неуспешна и екипата го зазема петтото место во шампионатот, а најверојатно ќе ја пропуштат догодина Лигата на шампионите.
Ди Франческо пак се претставува одлично на чело на „волците“ во најпрестижниот европски клубски турнир, откако Римјаните ја елиминираа Барселона и стигнаа до полуфиналето, каде што утре ќе се сретнат со Ливерпул.
Италијанецот е вклучен во листата на имињата која раководството на Челзи ја разгледува за нов менаџер, за која се тврди дека ги содржи и имињата на поранешниот тренер на Барселона Луис Енрике, Италијанците Маурицио Сари (Наполи) и Масимилијано Алегри (Јувентус), Португалецот Леонардо Жардим (Монако), и германските специјалисти Џулијан Нагелсман (Хофенхајм) и Дејвид Вагнер (Хадерсфилд).