Во првите четири месеци од оваа година во Србија се регистрирани 30 напади врз новинари, од кои два се физички напади, 6 се усни закани и 22 се случаи на притисоци. Ова беше објавено од српскиот омбудсман Зоран Пашалиќ, повикувајќи се на податоците на новинарските здруженија во земјата.
Минатата година бројот на напади беше 92. Во изјавата за Светскиот ден на слободата на печатот, Пашалиќ истакна дека притисоците врз медиумите во Србија продолжуваат во различни форми. Тој ги повика сите јавни и државни фактори и организации, а особено оние со политички и општествени позиции да се воздржат од секакви форми на притисок врз медиумите, врз нивната уредувачка политика и новинарите, а медиумите ги повика да го развиваат принципот на одговорното и непристрасно новинарство.