Кинески милијардер загина додека се местел за фотографирање

од desk2
116 прегледи

Соосновачот и претседател на одборот на кинескиот конгломерат HNA Group почина по пад од 15 метри во јужна Франција, потврди компанијата.

Ванг Ѓијан (57) случајно паднал во провалија во Прованса додека бил на службено патување во Франција.

Полицијата соопшти дека милијардерот паднал од ѕид во провалија од висина од 15 метри додека се местел за фотографирање.

Ванг ја претвори HNA во една од најголемите компании во светот, со акции во разни бизниси, од авијација, туризам до финансии.

Компанијата има значителни пакети акции во Deutsche Bank, хотелскиот синџир Hilton, како и во облакодери во Лондон и има над 400.000 вработени ширум светот.

Во соопштението за неговата ненадејна смрт, од компанијата велат дека изгубиле „исклучително талентиран лидер и човек за пример, чија визија и вредности ќе продолжат да бидат водилка за сите нас кои ја имавме таа среќа да го познаваме.“

“Стоел на работ на длабока провалија и чекал некој од семејството да го фотографира и во еден момент паднал надолу“, рече шефот на локалната полиција.

Полицијата не го води случајот како сомнителен, со оглед на тоа дека имало многу сведоци кои потврдуваат дека се работи за несреќен случај.