Лозано и Љубојна не запеаја на НАТО-ЕУ прославата, на Фејсбук објаснија зошто

од desk4
147 прегледи

Пејачот Влатко Лозановски, кој според синоќешната програма требаше да пее на прославата за НАТО во Охрид, во последен момент го откажа настапот. Утрово тој и се обрати на публиката преку социјалните мрежи со образложение дека ситуацијата ескалирала поради што проценил дека е подобро да не настапи.

„Ова беше моја голема одлука, околностите не беа лесни и засегнати беа многу страни, но она што секогаш во прв план го ставам е публиката. До ова скалило до кое што сум дојден на музичката сцена е само поради вас и секогаш ќе биде само поради вас. Јас сум пејач, музичар и уметник и само поради такви причини сум прифаќал настапи пред публиката. Овојпат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам“ – напиша Лозано на Фејсбук.

Меѓутоа тој не беше единствениот кој се повлече од договорот со Владата. Етно Бендот Љубојна, кои претходно реагираа дека не знаеле на каков настан ќе настапуваат, не се појавија на сцената во Струмица. Иако претходно тие на Фејсбук напишаа дека сепак ќе пејат на прославата, наместо нив струмичани ги забавуваше блех оркестарот „Кочани оркестра“.

Инаку синоќешната владина прослава отвори низа дилеми во јавноста откако беше најавена музика во живо и 40 изведувачи во 15 градови. Дел од коментарите на јавноста беа во насока дека парите за оваа манифестација можеле да бидат пренаменети за вистинските потреби на граѓаните или во хуманитарни цели, а Владата се уште не одговори колку оваа забава ќе ги чини граѓаните