Омилената резиденција на Тито се отвора за јавноста: Туристите ќе можат да го видат островот каде времето стои веќе 40 години

од desk2
238 прегледи

Резиденцијата на некогашниот доживотен претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито на хрватскиот остров Ванга наскоро ќе биде отворена за јавноста.

Сѐ е подготвено за првите туристи на Ванга, местото каде времето застана пред речиси 40 години, по смртта на Тито. Посетителите ќе може да ја посетат резиденцијата и да прават тури на сите објекти што ги користел Тито.

Досега беше потребна посебна дозвола за посета на резиденцијата на Ванга што се смета за заштитен објект. Сега се работи на деталите за тоа како да се изведуваат туристичките тури, а сепак да се води строга евиденција на посетителите на островот каде уште е забрането фотогрфирање и снимање.

Времето стои на Ванга веќе 40 години – сѐ е зачувано како во деновите кога Тито престојувал таму. Ова беше омилената резиденција на лидерот и тој таму поминуваше речиси шест месеци во годината и таму примаше високи гости од целиот свет.

Туристите наскоро ќе може да го видат природниот рај што порано беше далеку од очите на јавноста. Во времето на Тито островот го чуваше војска и беше невозможно да се доближите до него. Посетителите ќе може да ги разгледаат насадите со винови лои, словенечката соба и рибарскиот индонезиски салон, како и фотолабораторијата што ја користел лично Тито.

Туристите ќе може да се повозат и со „кадилакот“ на Тито, но половина час возење ќе ве чини 700 евра.

Многу ѕвезди го посетувале островот Ванга во времето на Тито, како оперскиот пејач Марио дел Монако, актерот и режисер Орсон Велс, Карло Понти, Ричард Бартон, Кирк Даглас, Елизабет Тејлор, Софија Лорен…