Македонскиот министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски во интервју по повод 20-годишниот јубилеј на МИА истакна, меѓу другото, дека Агенцијата за да ја зајакне довербата кај јавноста потребно е да информира без бранење или напаѓање на нечии ставови.
По 20-годишно постоење и професионално информирање, какво е Вашето мислење за МИА и што очекувате од натамошната соработка?
Несомнено МИА е првиот и најбрз сервис за информирање на медиумите агенциски во Македонија, а преку нив и на јавноста. И оттука објективноста при објавување на вестите треба да биде императив за Вашите новинари. Ова е особено важно, имајќи предвид дека и голем дел од останатите пишани или електронски медиуми, ги преземаат вестите и информациите токму од МИА. Ова можам и да го потврдам и од моето лично искуство како новинар. Паметам, ако мојата редакција од какви било причини не проследила некој настан, чекавме извештајот за тој настан да го пренесе Вашата агенција и буквално правевме двојна проверка заради веродостојноста на цитатите па и на самата содржина понекогаш.
Она што во одреден период ме загрижуваше, е што наместо сервис за граѓаните и за медиумите, МИА беше злоупотребена како еден вид огласна табла на тогашната владејачка партија, зборувам за периодот 2006-2016. Период во кој македонското новинарство за жал преживеа сериозен удар врз квалитетот, етичноста и објективноста.
Но, сметам дека денес, иакo стануваше збор за години на злоупотреба, ваквата слика за МИА се менува. Ова го велам бидејќи содржината на текстовите се повеќе е избалансирана. Исполнет е новинарскиот стандард за подеднаква застапеноста на мислењата на сите кои во одреден период од денот, на пример, искажале став за исто прашање. Ова за нас е исклучително важно. Владата на Република Македонија се зарече и ги следи принципите на транспарентност и отчетност. Но ако медиумите не ги пренесуваат информациите без да ги извртуваат фактите, не постои поинаков начин да ја покажеме транспарентноста.
Дали според Вас МИА ја оправдува довербата кај јавноста и во медиумскиот простор?
Секако. Впрочем станува збор за Информативна агенција. Значи главната улога на агенцијата и на новинарите кои работат во неа, е да информираат. Без притоа да бранат или да се напаѓаат нечии ставови. И токму тоа ја зголемува, но и ја зајакнува довербата кај јавноста.
Новинарите можат да добијат одредена „чиста“ информација без примеси на политика во неа и дури потоа, во медиумот каде што работат да ја пласираат таа информација во каква било форма.
Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија и дали сте задоволни од содржините кои ги нуди?
Како што реков и претходно, рејтингот и довербата на јавноста во МИА полека растат. А тоа е правопропорционално со објективното пласирање на информациите.
Она што дополнително влијае на рејтингот, секако е и достапноста на вести и информации од различни области, за различни држави во светот. Отворајќи на само една страница, разноликоста е очевидна. Секој има пристап до авторските текстови на новинарите, до фотографии, до видео материјалите од настаните кои се случиле во текот на денот, па дури и до сервисни информации.
Во ерата на социјални мрежи, исто така, многу е важно, информациите што побргу да се пласираат во јавноста. Тоа е една од алатките со кои се служат новинарите на МИА и сметам дека тоа е клучот на Вашиот успех.
Со каква порака би и го честитале јубилејот на МИА?
Мислам дека за луѓе кои 20 години од својот живот посветиле на градење на својата професионална кариера, но и на градење на медиум кој е препознатлив во Република Македонија нема поубава порака за вака голем јубилеј, освен да ви посакам пак да се сретнеме за слично интервју, но за Вашиот 50-ти јубилеј без разлика што и да работам тогаш и да се потсетиме на овие зборови.
Ви посакувам професионално и објективно да продолжите да ги информирате граѓаните и пошироката јавност. Но и да бидете ризница на млади новинари, бидејќи знам дека во МИА работат новинари со големо искуство зад себе од кои има што да се научи.
Габриела Точко