Поенти референдум: Одлуката за иднината да ја донесеме во заедништво

од desk4
124 прегледи

   Опозицијата и сите кои се двоумат, да го поддржат референдумот и да се приклучат – заедно да ја однесеме Македонија кој подобра иднина во ЕУ и НАТО, порачуваат поддржувачите на референдумот.

– Сега ние, граѓаните на Република Македонија треба да покажеме заедништво и одлучност на претстојниот референдум на 30 септември, да донесеме одлука за Договорот, да донесеме одлука за нашата иднина. За нас перспективата за членство во ЕУ е движечки фактор кој ги обединува сите општествени чинители и сила за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците со кои се соочуваме на тој пат. Разлики постоеле и ќе постојат. Ние ќе ги почитуваме, но нема простор за неодговорност, кога треба сите заедно да одлучиме за иднината на нашата земја и за идните генерации, изјави вчера премиерот Зоран Заев, кој заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини ја посетија Старата скопска чаршија.

Референдумот на 30 септември е референдум за втора независност, порача Заев во Европскиот парламент каде се обрати на македонски јазик што е прво обраќање на македонски премиер на мајчин јазик во европскиот пратенички дом.

– За Република Македонија, тоа е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември, е многу повеќе одколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност, рече Заев пред европратениците.

Меѓународната заедница постојано го афирмира ставот дека државата е исправена пред историска шанса и оти граѓаните ќе одлучат каква иднина сакаат. Апелираат и опозицијата да презеде одговорност и да ги охрабри граѓаните да излезат на гласање.

– Запомнете, на 30 септември кога ќе одите на гласачките места да гласате за референдумот дека Вие сте тие што ги држите клучевите на вашата иднина во вашите раце. Клучевите не се во рацете на никој друг, освен на Вас. Не дозволувајте некој друг да го стори тоа за Вас. Ве молам, не молчете пред вашата иднина, неможете да ја пропуштите оваа можност затоа што Вие сте одговорни за вашата иднина. Ова не се избори, ниту е нешто поврзано со политика, порача вчера од Скопје високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини.

Пораки за обединување на сите општествени чинители упатуваат и високи американски претставници кои веќе ја посетија Македонија.

Земјата е пред историска шанса да продолжи да чекори на патот кон целосно интегрирање во НАТО и ЕУ и сега е време сите Македонци да го искористат своето демократско право и да бидат одговорни да гласаат за оваа историска можност, порачуваат тие.

– Ви даваме  голема поддршка, но конечно ова е одлука која само Македонците  може да ја донесат за себе. Америка има интерес за Западниот Балкан и се залага за стабилност и просперитет на овој многу важен регион, изјави вчера во Скопје американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Вес Мичел по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Сега е моментот кога сите треба да застанат на иста страна, на страната на долгорочниот интерес на Македонија. Ако не успее референдумот, се плашам дека е последна шанса, порачува и европратеникот од Словенија и известувач за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл во интервју за МИА.

– Ја пратам кампањата. Мислам дека е котектна од страна на сите кои се залагаат за поддршка на референдумот, за тие кои го поддржуваат влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, дека е во согласност со правилата кои важат во ЕУ и оди во насока на јакнење на свеста, луѓето сами да одлучуваат за иднината на нивната држава.Што се однесува на другата страна, оние кои се против Договорот, мислам дека има доста нетранспарентни ставови, доста политички игри има во тоа. Го читав последното соопштение на ВМРО ДПМНЕ. За разлика од ЕПП, чии се и тие членови, ВМРО и натаму инсистира на негативен став и мислам дека тоа, за перпсективата и улогата на ВМРО во македонската политика не е добро, вели Вајгл.

Поддржувачите на референдумското „за“ во земјава на средбите и трибините со граѓаните посочуваат дека вистински патриотизам е да се искористи шансата и да се определи светлата иднина за генерациите и за државата.

– Да бидеме рамо до рамо со развиените земји од ЕУ и НАТО затоа што таму припаѓаме и очекуваме да се развиваме како демократска земја со напредна економија, со висока стапка на вработеност на младите  и се’ она што значи посветла и перспективна иднина за граѓаните на Република Македонија, изјави потпретсаделката на Собранието, Фросина Ременски на средба со жителите на Лозово.

Македонските граѓани ќе ја искористат големата историска шанса на претстојниот референдум и иднината на државата ќе ја решат оние кои ќе учествуваат во референдумското изјаснување, уверени се приврзаниците на коалицијата „Излези За европска Македонија“.

Слични содржини