Композиторот Хауард Гудал во март преку Лондон одел за Њујрок. Додека чекал во менувачница разговарал со вработениот за тоа дали излезот на Велика Британија од Европската унија, познат како Брегзит, ќе биде добар за неговата индустрија. Кога Гудал рекол дека последиците ќе бидат „катастрофални“, работникот одговорил дека сите што ги прашал „го даваат истиот одговор“.
Гудал го постирал разговорот на Твитер и набргу открил дека допрел живец: неговиот пост имал најмалку 1,6 милиони прегледи, околу 8.500 ретвитови и речиси 19.000 лајкови. Кога членката на Парламентот која е за Брегзит, Надин Дорис го прашала да објасни зошто влијанието ќе биде негативно, Гудал и одговорил на својот блог со страстен есеј од 3.400 зборови.
– Па, чувствував потреба да кажам нешто, рече Гудал.
Додека Велика Британија минува низ Брегзит драмата, бизнисмените стануваат се позагрижени. Проблемите на класичната музика изгледаат тривијално во споредба со тоа, но многумина во овој сектор се загрижени. Во декември Здружението на британските оркестри укажа дека многу ансамбли зависат од мултинационални турнеи.
Во јули Домот на лордови соопшти дека културниот сектор ќе почувствува тешки последици ако изведувачите тешко влегуваат во Велика Британија.
До тогаш Оркестарот на младите на Европската унија најави дека нивниот административен тим од Лондон ќе се пресели во Ферара во Италија.
– Не можете да барате средства од ЕУ а да не бидете во ЕУ, изјави извршниот директор на оркестарот Маршал Маркус.
Неколку месеци по разговорот на аеродромот, Гудал се уште е лут. Тој е реалист и вели дека класичната музика никогаш нема да биде високо на списокот на приоритети, но оти чувствува дека сите аргументи ги гушат големите лобистички групи.
Ќе има големи проблеми ако Велика Британија се огради од договорите кои им овозможуваа на нејзините граѓани да патуваат и да работат во рамките на блокот. Визите и дозволите за британските бендови ќе ги отежнат турнеите и тие нема да бидат финансиски одржливи.
Оперите се посебно ранливи, вели Васфи Кани, која ја води Гранџ парк операта, мала трупа јужно од Лондон.
– Ако италијански тенор кој го пее „Бал под маски“ ненадејно се разболи, ќе ви биде многу потешко да најдете замена, рече таа.
Тука се и други прашања: судбината на илјадници студенти од земјите на ЕУ кои студираат во британските музички школи, регулирање на интелектуалната сопственост и финансирање на културни настани со средства од ЕУ.
Но, Џон Витингејл член на Парламентот, кој го поддржува Брегзит, вели дека таквите грижи креваат непотребна паника.
– Ги имаме некои од најдобрите оркестри, музичари и диригенти на светот и тоа нема никакви врски со ЕУ, рече тој.
Во Лондон неодамна членовите на оркестарот „Аурора“ чекаа воз за Париз. Таа вечер на програмата беше синфонијата број 40 на Моцарт – музика на австриско-германски композитор која ја свири ансамбл од Лондон, чии членови се од сите делови на ЕУ.
– Музиката нема граници, вели Рут Гибсон, виола. Во тоа е целата поента зарем не?
Њујорк Тајмс – Њујорк