Националистичките и екстремнодесните партии постигнаа значителен изборен успех ширум Европа.
Некои влегоа во Владата, други станаа водечки опозициски сили, а дури и оние кои не обезбедија поголема политичка поддршка ги натераа центристичките лидери да се прилагодат на новата состојба.
Делумно на ова може да се гледа како на револт против политичкиот естаблишмент во услови на финансиската и мигранска криза, но овој наплив своите корени ги има и во вкоренетиот страв од глобализацијата и губењето на нацоналниот идентитет.
Иако овие партии му припаѓаат на различен дел на широкиот политички спектар, тие имаат некои заеднички теми, како што се непријателството кон мигрантите, антиисламската реторика и евроскептицизмот.
Па, каде тие постојат на европската политичка мапа?
Италија
Изборите кои не донеса јасен победник и месеците на несигурност што следеа по нив, резултираа со формирање на коалициска Влада на две популистички партии – антиинституционалното Движење пет ѕвезди (М5С) и десничарската партија Лига.
Нивниот подем произлегува од големите последици врз земјата од финансиската криза во 2008 година, како и од фактот што Италија стана главна дестинација за пристигнување на мигрантите од Северна Африка.
Порано позната како Северна лига, партијата Лига го промени фокусот од својата почетна цел за создавање на независна држава на северот на Италија и стана политичка сила која го презеде раководењето со земјата што во минатото сакаше да ја напушти.
Заедничката владина програма на двете партии вклучува планови за масовна депортација на илегалните мигранти, што е во согласност со нагласената антимигрантска политика на партијата Лига.
При посета на Сицилија, италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на Лигата, Матео Силвини изјави дека островот повеќе не смее да биде „бегалски камп на Европа“.
Двете партии не се среќни ниту со еврото и таквите нивни ставови би можеле да предизвикаат голема главоболка за Европската Унија.
Германија
Екстремнодесната партија Алтернатива за Германија (АФД), која беше формирана пред само пет години, во 2017 година успеа првпат да обезбеди пратенички места во Федералниот парламент.
Од самите свои почетоци таа се претстави како партија кој се противи на еврото, истовремено залагајќи се за строга антимигрантска политика и ширејќи страв од зголемување на влијанието на исламот. Одредени партиски лидери дури беа обвинети за кокетирање на нацизмот.
Успехот на партијата беше протолкуван како знак за незадоволство од политиката на германската канцеларка Ангела Меркел за отворени врати за мигрантите.
АфД
Во време на мигрантската криза во 2015 година, Меркел не воведе гранична контрола и овозможи во Германија да пристигнат речиси милион луѓе, повеќето од нив муслимани од Сирија, Ирак и Авганистан.
Иако нејзиниот блок составен од Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија на ланските избори постигна најлош изборен резултат во изминативе речиси 70 години, Меркел успеа да си обезбеди четврти мандат како канцелар и да формира нова коалициска Влада со Социјалдемократската партија н Германија. Од друга страна АФД стана најголема опозициска партија, што и отвори можност за понатамошно зголемување на своето влијание.
Но, подемот на АФД доведе и до промена во тонот на Меркел. Во нејзинот прв позначаен говор во новиот мандат таа нагласи дека „хуманитарниот исклучок“ од 2015 година не смее да се повтори, ветувајќи воспоставување гранична безбедност и депортација на мигрантите.
Австрија
Во соседната Австрија екстремнодесната Партијата на слободата на Австрија (ФПО) оствари уште подобар резултат од АФД.
ФПО минатата година стана помал партнер во владината коалиција на конзервативниот канцелар Себастијан Курц.
Конзервативците заедно со левоцентристичките социјалдемократи долг период доминираа во австриската политика. Но, ФПО за малку ги загуби претседателските избори на кои двете големи центристички партии не успеаа да влезат ниту во вториот круг.
Олаф Шолц
Како и во Германија, мигрантската криза се посочува како клуч за успехот на ФПО, имајќи предвид дека партијата долг период ја градеше својата политичка платформа токму на ова прашање.
Од друга страна и Курц во текот на кампањата зазема поцврст став кон миграцијата, поради што ФПО го обвини за крадење на нејзината платформа.
По изборите новата Влада предложи забрана за носење шамии од страна на девојчиња помлади од десет години во училиштата, како и планови за мерки што би овозможиле одземање на телефоните на мигрантите.
Шведска
Антиемигрантската партија Шведски демократи (СД) забележа значителен успех на изборите во 2018 година.
Таа освои околу 18 отсто од гласовите, што е значително повеќе во однос на 12,9-те проценти, колку што доби на претходното гласање.
Партијата своите корени ги има во неонацизмот, но во последните години успеа да се ребрендира и во 2010 година дури и првпат освои места во шведскиот Парламент.
Во меѓувреме, левоцентристичката Социјалдемократска партија се повеќе ја губи поддршката.
Додека на социјалдемократите се гледа како на партија која ја промовираше социјалната благосостојба и толеранцијата кон малцинствата, СД се противи на мултикултурализмот и бара строга миграциска контрола.
Но, како и во многу други земји и сликата во оваа земја е покомплексна. Шведска прими најгоем број баратели на азил по глава на жител меѓу европските држави и го има еден од најпозитивните ставови кон мигрантите.
Франција
Наспроти обидите на Марин Ле Пен да го направи нејзиниот естремнодесничарски Национален фронт значајна партија на француската политичка сцена со широка народна поддршка, на претседателските избори во мај 2017 година таа беше убедливо поразена од актуелниот претседател Емануел Макрон.
Марин Ле Пен е јавно прокламиран евроскептик, противник на еврото и го обвинува Брисел за масовната миграција.
Во 2010 година во обраќање пред симпатизери на Националниот фронт таа изјави дека молитвите на муслиманите на улица е слично со нацистичката окупација во Втората светска војна.
По поразот на претседателските избори, Националниот фронт забележа послаб резултат на парламентарните избори, освојувајќи само мал број пратеници.
Неодамна партијата се преименува во Национален собир при што Ле Пен најави дека ќе се обиде да дојде на власт преку формирање коалиции.
Унгарија
Во април унгарскиот премиер Виктор Орбан си обезбеди трет мандат на функцијата на избори на кои доминираше темата за миграцијата.
Според Орбан, неговата победа им дава можност на Унгарците да се одбранат себе си и да ја одбранат Унгарија.
Орбан долго време се претставува себе си како бранител на Унгарија и Европа од муслиманските мигранти. Во една прилика тој предупреди на „опасноста од создавање на Европа на мешана популација и без чувство на идентитет“, поради што беше наречен расист.
Тој е водечка фигура меѓу земјите од Вишеградската група – Унгарија, Полска, Чешка и Словачка – во противењето на плановите за ЕУ за прераспределба на мигрантите меѓу земјите членки според утврдени квоти.
Словенија
Иако беше далеку од освојување мнозинство, антимигрантската Словенечка демократска партија (СДС) стана најголема партија на овогодишните парламентарни избори.
Партијата е предводена од поранешниот премиер Јанез Јанша, кој како и лидерите на земјите од Вишеградската група се противи на мигрантските квоти и сака Словенија „да стане земја која прво ќе обезбеди благосостојба и безбедност за Словенците“.
Во текот на кампањата тој го користеше примерот на Орбан, применувајќи ја неговата тактика на ширење страв од мигрантите.
Словенија во текот на минатата година прифати само 150 барања за азил. Во текот на мигрантската криза таа првенствено претставуваше транзит зона за премин на мигрантите од Балканот кон Западна и Централна Европа.
Полска
Уште една партија која се судри со ЕУ околу прашањето за мигрантите, конзервативната Право и правда (ПиС) оствари убедлива победа на изборите во 2015 година.
Некои од најважните политики на партијата, како што е преземањето контрола врз државните медиуми и судските реформи што и овозможија на Владата да разрешува и менува судии, предизвикаа тревога во ЕУ.
Партијата Право и правда, исто така, стои и зад контроверзниот закон со која за кривично дело беше прогласено тврдењето за поврзаност на полската нација или држава со нацистичкиот Холокауст, што некои го оценија како обид за „перење“ од улогата на полски поединци во нацистичкиот режим.
Полска и Унгарија си дадоа меѓусебна поддршка околу прашњето за мигрантските квоти, а Орбан изрази „солидарност“ со Полска во нејзината битка околу судските реформи.
На други места во Европа
Мигрантските закони во Данска се меѓу најстрогите во Европа, како резултат на моќта на Данската народна партија, која е втора по големина политичка сила во Парламентот. Данскиот закон и дозволува на полицијата да одзема имот од мигрантите, со цел да се „ограничи мигрантскиот притисок“.
Новиот премиер на Чешка, Андреј Бабиш изјави дека последните избори во Словенија и Италија покажале дека ставовите на Чешка, Полска, Унгарија и Словачка во однос на миграцијата се повеќе се шират низ Европа.
На изборите во Финска во 2015 година, десничарската Партија на Финците стана втора политичка сила, иако годинава нејзиниот кандидат на претседателските избори освои само 6,9 отсто од гласовите.
Во пресрет на ланските избори во Холандија, антимигрантската Партија на слободата на Герт Вилдерс важеше за фаворит за победа, но на крајот таа заврши втора значително зголемувајќи го бројот на своите пратеници во Парламентот.
Би-Би-Си – Лондон