
Зошто се решивте да се кандидирате за претседател на ЗНМ, некои велат позицијата е атрактивна, но други велат, така ќе си создадете повеќе непријатели?
Чадиковски: Видете, навистина не знам дали позицијата е атрактивна или дали ќе имам повеќе непријатели. Друго е прашањето, што ние како фела можеме да направиме за подобрување на работите. Чувствувам дека можеме многу и дека сега е моментот. Да го вратиме новинарството на вистинските патеки, седма сила. Коректор на политиките што ги практикуваат властите…
Мислите дека новинарството треба да се занимава само со властите?
Чадиковски: Новинарството треба да се занимава со сите проблеми што ги тиштат граѓаните, ако во Владата е извориштето на проблемите, или во институциите, нормално е новинарството да биде критичар на власта. Добронамерен, за да го подобруваме општеството. Затоа велам, треба да се занимаваме со суштината на новинарството, да истражуваме, известуваме, да бидеме Воч дог врз политиката и бизнисот–таму се парите, а каде што има пари има и корупција. На крајот на денот нема да е важно дали ќе создадеме непријатели, туку колку новинарите ќе имаат нови пријатели и фанови меѓу гледачите и читателите. Целта е да ги вратиме луѓето пред телевизија, да продолжат да купуваат весници, или кога ќе читаат онлајн медиуми, да знаат кому му веруваат, а кому не, кој произведува фејк њуз, а кој разработува теми, анализира, коментира.
Така што да се вратам на првото прашање, вистината е дека мојата кандидатура произлезе од разговорите со повеќемина колеги, некои од нив во самото ЗНМ. Работата е многу повеќе одговорна, одошто атрактивна, особено сега кога ЗНМ е силно здружение. Но, се прашувам дали е доволно само ЗНМ да биде силна организација. Не, мислам дека е многу поважно новинарството да биде силно, новинарската професија да си ја врати атрактивноста.
Пред нас е изборното собрание на ЗНМ, за што се залагате за да се подобрат состојбите во новинарството?
Чадиковски: Има неколку важни столба во мојата програма, донесување на закони кои се потребни за реформите во медиумската сфера, создавање на силна МРТВ со силна дописничка мрежа, саморегулација во онлајн медиумите, создавање услови за работа на младите новинари, за истражувања, за истражувања во локалната корупција, крај на политиката на неказнивост, да се расветлат сите напади на новинари и напаѓачите да се изведат пред лицето на правдата. Исто таа ослободување на медиумите од клиентелистичките релации меѓу политиката и бизнисот.
целото интервју тука