Спасовски: Нема киднапирања, нема случај на убиство заради вадење органи

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски демантираше денеска шпекулации за наводни киднапирања луѓе во државава и препродажба на органи.

-Најостро ги демантирам шпекулациите за исчезнати лица. Ги отфрлам шпекулациите за киднапери и препродажба на човечки органи. Со тоа се наштетува на општеството и граѓаните. Во нашата држава нема ниту еден случај на убиство поради вадење органи.

Тој апелираше до граѓаните да не наседнуваат на такви лажни вести и наводи дека расте број на исчезнати лица.

– Во 2018 имало 370 пријави за исчезнати, а во 2014 година, 574 исчезнати. Денеска МВР е транспарентна иснитуција. Ние редовно објавуваме се што се случува и тоа го има нашата веб страна. Секој граѓанин може секогаш да ја провери информацијата.

Спасовски побара од граѓаните да проверуваат информации и да не шират паника и вознемиреност.

– Пронаоѓањето исчезнати лица е 94 отсто. Тие истраги се третираат со целосна сериозност и посветеност и потребно е повеќе време за резултати. Тоа не значи дека не водиме грижа. Не помагате со ширење лаги на блиските чии исчезнале….Дозволете без шпекулации да ја работиме нашата работа“, истакна Спасовски.

Во ширењето на овие лажни информации и шпекулации учествува одредена структура на луѓе, најчесто тоа го прават од политички побуди, но и поради други интереси.

-Многу е лесно да седнете пред компјутер и да напиште што било и со тоа во јавноста да кренете паника, рече Спасовски и нагласи оти имало случај и со поранешен началник на МВР кој објавил статус на социјалните мрежи во врска со исчезнатите лица и наводното вадење на органи, но потоа го повлекол статусот.

Тој им се заблагодари на медиумите кои имаат професионален пристап во овие случаи, но, како што рече, со жалење констатира дека има одредени структури на новинари за кои сензацијата е многу поважна од нашиот заеднички спокој и мир.