Ненадејната смрт на претседателот Борис Трајковски пред 15 години ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател, сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на Првиот молитвен појадок „Лидерство засновано на вредности“, што се одржа денеска во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15-годишнината од трагичната смрт на Трајковски.

-Светот се соочи со фактот дека во тој тажен момент беше прекинат животот на државникот Трајковски додека беше во полн подем, со инспиративна политичка зрелост и политички континуитет што оставија длабока и неизбришлива трага во историјата на современата независна македонска држава.
Според Заев, Трајковски припаѓаше на генерацијата млади и современи европски политичари, кој во фокусот на своето внимание и посветеност ги имаше натамошната демократизација на општеството, почитувањето на човековите права, зајакнувањето на граѓанското општество, развојот на пазарната економија, владеење на правото, и борбата против корупцијата и криминалот.
– Борис Трајковски ја извршуваше својата должност како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочуваше исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебаа. Својата должност како Претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор, рече Заев.
Од таа перспектива не може да се заборави ниту упорноста со која се бореше за зачувување на достоинството на институцијата Претседател на државата, дури и тогаш кога ги добиваше најсилните удари.
– Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша. Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, беа најискрени и сосема различни од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски, посочи Заев.
Потсетувајќи дека водечки светски државници и политичари за Трајковски ги користеа зборовите и признанијата „миротворец на Балканот“, „разумен политичар“, „човек со демократски визии“, „човек за мир и дијалог“, „почитуван лидер и пријател“, Заев рече дека тие ги содржат придобивките од политичкото наследство што го остави во неговата државничка кариера.
Тој потсети и на дел од говор на Трајковски во кој оценува дека ставањето потпис на Охридскиот рамковен договор во 2001 година во суштина е потпис на проектот Македонија во 21 век кој во основа има два столба – децентрализација која треба да ја донесе демократијата поблиску до граѓаните и правичната застапеност на припадниците на сите етнички заедници во сите државни структури.
– Така говореше Трајковски. На тие два столба се издига иднината на нашата земја, забележа Заев.