РСБСП: Околу 40.000 нерегистрирани и неосигурени возила активно се вклучени во сообраќај

од Vladimir Zorba
77 прегледи

Околу 40.000 нерегистрирани и неосигурени возила, според осигурителните компании, активно се вклучени во сообраќајот на патиштата и претставуваат закана за безбедно одвивање на сообраќајот, предупредуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.Според нив, безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото, но оти и покрај тоа  одредена група возачи ги користат возилата избегнувајќи или „заборавајќи“ на задолжителниот технички преглед на возилото, редовниот сервис и редовното – задолжително осигурување и регистрација на возилото.

– Ваквиот однос кон возилото и воопшто кон безбедноста во сообраќајот е неодговорен и опасен. Точните мотиви за ваквиот начин на однесување тешко се откриваат, но сигурно е дека станува збор за неодговорни возачи кои го потценуваат ризикот од евентуална сообраќајна незгода и кои ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди. Таквите возачи, и покрај тоа што забележуваат дека има одредени неправилности или одреден систем на возилото не функционира, сепак се одлучуваат да се вклучат во сообраќај и да ја загрозат безбедноста во сообраќајот, велат од РСБСП.

Тие напоменуваат дека возењето на неисправно и нерегистрирано возило е опасно, ризично и неисплатливо ако се има предвид фактот колку се големи санкциите за учество во сообраќај со нерегистрирано возило и какви се последиците и загубите ако се учествува во сообраќајна незгода со неисправно, нерегистрирано и неосигурано возило.