Обвинителството отворило предмет за МЕПСО и го испитува финансиското работење на институцијата. Истрагата е по забелешки на Државниот завод за ревизија, објави Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ).

„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција кој постапува по предметот во врска со Конечниот извештај по извршена ревизија кај МЕПСО има издадено наредба до релевантни институции за прибирање податоци“, одговориле од Обвинителството.
Од обвинителството за ИРЛ велат дека предметот е во предистражна постапка и не можат да споделат повеќе детали.
Според информациите на ИРЛ, финансиската истрага ја врши Управата за финансиско разузнавање.
„Има одредени наоди поради кои Владата донесе одлука и заклучи дека овој ревизорски извештај ќе биде испратен до Основното јавно обвинителство со цел овие индикативни наоди да се проверат дополнително и дека доколку Обвинителството смета дека има простор за некакви постапки, да ги започне“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција одржана на 4 април минатата година.
Своја истрага отворила и Управата за финансиска полиција која истражува како МЕПСО ја преплати барокната фасада на деловната зграда во центарот на Скопје.
Државниот ревизор обелодени како милиони евра од касата на МЕПСО се потрошени за ски центри, стотици илјади евра се одлевале за адвокатски услуги, бил купен најсовремен софтвер кој никогаш не бил ставен во функција, а барокната фасада и реконстрункцијата на зградата која достигна цена од 11 милиони евра и по пет години не е довршена.
МЕПСО е компанија во целосна државна сопственост, која е формирана во 2005 година со трансформацијата на Електростопанство на Македонија. ЕСМ се подели на две компании МЕПСО и ЕВН, а тогаш на МЕПСО му припаднаа 4.962 м2 во центарот на Скопје каде е сместена дирекцијата.