Колку јавните претријатија се јавни – Кој тоа таму управува?

од Vlatko K
105 прегледи

Владата мора да го ревидираат начинот на избор на директори, надзорни управни и да обезбедат пошироко искористување на човечкиот потенцијал преку компетитивни и јавни процеси

Наутро, додека сé уште сте во пижами и само што сте си го изгореле јазикот од првата голтка од врелото  кафе веќе сте добиле услуги од најмалку четири јавни претпријатија.

За да го добиете вкусното и многу неопходно прво кафе наутро потребни се неколку работи. За традиционалното кафе мора да ставите вода во ѓезве која во Скопје ја обезбедува јавното претпријатие Водовод и канализација. Водата треба да ја згреете на електричниот шпорет, односно со струјата која пак ја произведува државното претпријатие Електрани на Македонија – ЕЛЕМ. Цената на струјата пак претходно ја определила Регулаторната комисија за енергетика.

Голема е веројатноста дека кафето во земјава е транспортирано преку вагоните на државното претпријатие Македонски железници – транспорт. Ако пак е донесено со камион тоа минало преку патарините на патиштата за чија проодност и исправност е одговорно јавното претпријатие Државни патишта.

Талогот од кафето и ќесата во која е спакувано, доколку сте го дотрошиле, ќе ги фрлите во кантата за отпад која ќе заврши во најблиските контејнери кои ќе ги испразни јавното претпријатие Комунална хигиена.

Така што, за една едноставна и секојдневна рутинска активност, или, „ритуал“ на огромен број граѓани како што е пиењето кафе, вклучени се услугите на најмалку четири јавни и државни претпријатија, како и регулаторни тела. Овие услуги секој месец се платени од сите граѓани, а за нивното извршување во овие претпријатија се вработени илјадници службеници.

Со оглед на тоа што работата на овие институции допира до најосновните активности и потреби на граѓаните и се финансирани од јавни пари важно е тие да бидат управувани на најефикасен и најтранспарентен начин од што е можно поквалификувани лица.

Меѓутоа, резултатите од анализата на биографиите на управувачките структури покажува дека во половина од случаите, членовите на управните или надзорни одбори, директорите или членовите на комисии имале до пет години искуство од областа на институцијата каде работат. Или накусо, половина од луѓето кои управуваат со јавните претпријатија се почетници, гледано од доменот на работата на институцијата.

Причините за ваквата состојба се најразлични. Некаде е недостиг на човечки кадар, но најчесто се работи за партиски номинации, каде основачите (Владата и мнозинствата во Собранието и општините) поставуваат свои кадри кои треба да управуваат со институциите. Оправдувањето најчесто е дека управувачкото ниво треба да ја претставува власта, за да низ сите институции се исполнува програмата на победничката коалиција (централно или локално во општините).

Се поставува прашањето дали кадри со скромно искуство можат да ги направат институциите ефикасни, дури и да имаат најдобра волја, макар биле и партиски номинирани? Или уште повеќе, колку кадри кои се релативно неискусни ќе можат да се спротивстават на потенцијални обиди институциите да се злоупотребат, не за да се исполни некаква програма, туку да се задоволи приватен интерес на поединци.

Ваквата пракса мора да престане. Основачите на овие институции, Владата, Собранието и општините мора да го ревидираат начинот на избор и да обезбедат пошироко искористување на човечкиот потенцијал преку компетитивни и јавни процеси на именување на управувачкото ниво во јавните претпријатија. Многу е поважно да се покаже дека искуството е најважен критериум, а долгогодишен труд се исплати и ќе ви даде шанса да учествувате во раководење на институција ако посакате.

Потребна е должна грижа и за институциите кои се од интерес во овој документ.
За раководството (извршно и неизвршно) кај регулаторните, самостојните државни органи и јавните претпријатија, потребно е без исклучок воведување јавен оглас со кој ќе се воспостави можност да конкурираат повеќе лица. Кај друштвата во целосна државна сопственост, потребно е воведување регистар на заинтересирани експерти кој постојано ќе се ажурира, а од кој основачите ќе црпат информации и ќе ги повикуваат на интервјуа. Следејќи ги препораките на ОЕЦД,5 иако одговорноста за именување на овие лица честопати е на министрите, потребно е да се воведе транспарентен и одвоен процес на претходна селекција на кандидати од овој регистар од независно тело кое ќе влијае на намалување на фактичката политизираност.
Кај регулаторните и самостојните државни органи, транспарентноста треба да биде задоволена преку интервју налик на изборот на ДКСК со учество на останати засегнати страни кои ќе
можат да поставуваат прашања и каде што интервјуата ќе бидат емитувани на телевизија. Јавното интервју треба да се практикува и кај назначувањето на директорите, управните и надзорните одбори на претпријатијата.

Интервјуата кои би ги спроведувале управниот одбор или претставници на основачите може да се емитуваат на локалните медиуми.

Во најмала рака процесот треба да се отвори за присуство на јавноста, граѓанските организации и други засегнати страни кои може да набљудуваат.

Целосната анализа може да ја најдете на овој линк.